Додека останатите англиски гиганти рутински си ја завршија работата, Челси мораше да помине низ „пеколот“ на стадионот „Диего Армандо Марадона“, а Њукасл да се соочи со актуелниот шампион ПСЖ на негов терен.
Магијата на Кол Палмер: Челси го исфрли Наполи!
Челси обезбеди директно место во осминафиналето по драматичниот пресврт против Наполи (3:2). Натпреварот започна добро за „сините“ со голот на Енцо Фернандез од пенал, но Антонио Конте и неговиот десеткуван Наполи успеаја да направат пресврт до полувремето преку Вергара и Расмус Хојлунд.
Сепак, моментот на одлука беше влегувањето во игра на Кол Палмер. Иако оваа сезона се мачеше со повреди, „ладнокрвниот“ Кол покажа зошто е незаменлив. Со две маестрални асистенции, тој го пронајде Жоао Педро, кој со два гола во второто полувреме донесе огромна радост за Лијам Росениор и неговите момци.
Наполи, кој беше без Кевин де Брујне и Били Гилмор, немаше сили за одговор, а поранешниот миленик на „Стемфорд Бриџ“, Ромелу Лукаку, во судиското продолжение пропушти зицер за израмнување. Конте е надвор од Европа, а Челси е меѓу елитата!
Њукасл извлече бод во Париз: Вилок го замолкна „Паркот на принцовите“
Њукасл одигра храбро против ПСЖ, извлекувајќи реми (1:1) во натпревар кој лесно можеше да замине во која било насока. Драмата започна уште на самиот старт кога ПСЖ доби сомнителен пенал, но Ник Поп со фантастична одбрана му го „скина“ ударот на добитникот на Златната топка, Усман Дембеле.
Иако Витиња подоцна го доведе ПСЖ во водство, „страчките“ не се предадоа. Џо Вилок со моќен удар со глава во судиското продолжение од првиот дел ги замолкна домашните навивачи. Харви Барнс имаше златна шанса за победа во финишот, но неговиот волеј заврши во надворешниот дел од мрежата. Со овој бод, двете екипи ќе мора да го бараат патот до осминафиналето преку дополнителниот плеј-оф во февруари.



