(Видео) Пирова победа на Ливерпул: Исак погоди па се повреди, Тотенхем со деветмина не издржа во хаосот!

Објавено:

Ливерпул успеа да слави со 1-2 на гостувањето кај Тотенхем во натпревар кој ги понуди сите можни драми – три гола, два црвени картони за домаќините и три принудни измени поради повреди кај гостите. Иако „Црвените“ се искачија на петтата позиција, Арне Слот по мечот повеќе гледаше кон медицинскиот извештај отколку кон табелата.

Исак од херој до трагичар за 15 минути

Откако првото полувреме заврши без голови, но со црвен картон за Чави Симонс (брутален старт врз Ван Дајк), Слот во игра го внесе рекордното засилување Александер Исак. Швеѓанецот ја оправда довербата во 56. минута кога по асистенција на Виртц ладнокрвно погоди за 0-1.

Сепак, во моментот на шутот, Исак беше соборен од Ван де Вен и наместо славје, мораше со помош на медицинскиот тим да го напушти теренот. Ова е огромен удар за Ливерпул, кој веќе е без Салах (кој е отсутен поради настапот на Африканскиот куп) и Гакпо (кој е со повреда).

Екитике продолжува да решета, Ришарлисон внесе драма

Предноста ја дуплираше Хуго Екитике во 66. минута со прекрасен гол со глава, негов деветти во сезоната, потврдувајќи дека е во страшна форма. Тотенхем, иако со играч помалку, не се предаде. Ришарлисон влезе од клупата и во 83. минута намали на 1-2, внесувајќи паника во одбраната на гостите.

Тотален колапс на дисциплината кај Спарси

Надежите на Томас Франк за израмнување згаснаа во судиското продолжение кога капитенот Кристијан Ромеро заработи втор жолт картон по неспортски потег кон Ибрахима Конате. Тотенхем го заврши мечот со деветмина, запишувајќи го 11-тиот домашен пораз во календарската 2025 година, црн рекорд во историјата на клубот.

За Ливерпул, покрај Исак, со повреди се здобија и Конор Бредли и Џереми Фримпонг, што му остава на Слот сериозни главоболки пред празничниот период.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено