Викендов ќе се вози трката за Големата награда на Бразил, патека на која сме виделе многу историски моменти, возења кои ги нема на друго место и блескави возачи кои токму таму се запишуваат во историјата на спортот.
Но, Бразил е и домот на еден од најголемите. На Аиртон Сена.
Во кариерата на Сена има многу големи моменти, но неговата долгоочекувана победа на домашно тло, е можеби една од најпосебните.
Во 1991 година, тогашниот актуелен шампион веќе имаше постигнато многу успеси. Имаше извозено 110 трки, во кои собра 26 победи, 54 подиуми и 52 пол-позиции. А, тука секако се и двете шампионски титули. Но, она што му недостасуваше беше домашната победа.
Токму таму, иако имаше стартувано и од првата позиција, тој никако не можеше да дојде до победа. Патеката во Сао Паоло секогаш го поразуваше. Сè до тој ден.
Во 1991 година, во драматични услови, момчето од Сао Паоло ја освои за него можеби најемотивната трка.
“I don’t believe it!” 📻
— Formula 1 (@F1) November 4, 2025
The emotions came pouring out after Senna’s first home victory in 1991! 🇧🇷#F1 #BrazilGP pic.twitter.com/MsDUJPhoc4
Судбината ја избра 1991 година
Сена ја освои пол-позицијата со време 1:16.392, оставајќи ги зад себе двата болиди на Вилијамс – Патрезе и Мансел.
Кога пристигна денот на трката, дождот ја натопи патеката, а потоа токму како што сакаат драмите, сè се исуши пред стартот.
Од првата позиција, Сена направи совршен почеток и се одвои од Мансел, градејќи предност од над две секунди за само неколку круга.
Мансел се приближуваше, но првото поголемо влијание го направи пневматикот: на 25-от круг влезе во боксот, кадешто проблемите со менувачот му одзедоа долги 14,6 секунди. Сена реагираше еден круг подоцна и излезе повторно како лидер, со седум секунди предност.
Но, ништо во животот на Сена никогаш не беше лесно.

Кога автомобилот го предаде, срцето презеде сè
На околу 50-от круг, менувачот на неговиот Мекларен почна да откажува. Прво ја изгуби четврттата брзина, потоа треттата, а потоа и петтата.
Сена возеше само со шестта брзина. Дождот повторно се врати. Патрезе му приоѓаше со четири секунди по круг. Публиката молчеше, а ништо освен звукот на моторот кој се гушеше во свиоците на Интерлагос не се слушаше на патеката.
„Мислам дека има проблем“, изјави коментаторот Џејмс Хант во живо. „Автомобилот не звучи здраво. Сена е во неволја“.
Со само два круга до крај, Патрезе беше на пет секунди зад него. Но, и Италијанецот почна да чувствува проблеми со својот менувач. И таму, во најтешките услови, под дожд и со цело тело во грчеви, Сена одби да се предаде.

Победа на вера, болка и судбина
Кога ја помина целната линија, публиката експлодираше.
Сена викна преку радиото – не како славје, туку како испуштен крик на човек што даде сè.
„До финишот немав ништо останато“, изјави тој подоцна.
Сена беше толку исцрпен, што мораше да биде изваден од болидот од професорот Сид Ваткинс. На подиумот, со тешки болки во рамото, едвај го подигна трофејот. Но, го подигна.
„Во последните кругови морав да возам само во највисока брзина. Автомобилот едвај се движеше. Но, чувствував дека е моја должност да победам дома. Бог ми ја даде оваа трка“
рече Сена со солзи во очите.
Тоа беше неговата прва домашна победа, и можеби најемотивната во целата негова кариера. Таа 1991 година ја заврши со седум победи и трета шампионска титула, последната за бразилскиот возач во Формула 1.
Сена подигнат на рацете на народот – победник, легенда, икона.
Така Бразил доби не само шампион, туку вечен херој.



