(Видео) Превц го покори Гармиш: „Спиев додека другите славеа Нова Година“

Објавено:

Словенечкиот ски-скокач Домен Превц ја започна 2026 година на спектакуларен начин. Лидерот во Светскиот куп триумфираше и на втората станица од турнејата „Четири скокалници“ во Гармиш-Партенкирхен, зацврстувајќи го своето водство во генералниот пласман.

Пред 22.000 гледачи на легендарната скокалница, Превц беше класа за себе. Со скокови од 143.0 метри во првата и 141.0 метри во втората серија, тој собра вкупно 303.1 поени, оставајќи го второпласираниот Јан Херл од Австрија зад себе со разлика од дури 15.4 поени.

Тајната на успехот? Спиење пред полноќ!

Додека светот славеше Нова Година, Превц имал поинакви приоритети. По победата, тој откри дека клучот за неговата форма бил добриот одмор.

„Искрено, не ја славев Новата година бидејќи бев многу уморен. Заспав во 23:00 часот. Не го слушнав огнометот, па мислам дека тоа ми даде предност денес. Бев навистина добро одморен“ – изјави Превц.

На половина пат до бесмртност

Со две победи од два натпревари (Оберстдорф и Гармиш), Домен Превц е на половина пат да го освои митскиот „Грен Слем“, победа на сите четири скокалници во една турнеја. Тоа досега им успеало само на Свен Ханавалд, Камил Стох и Рјоју Кобајаши.

Ако ја освои турнејата, тој ќе стане третиот Словенец со „Златен Орел“, по Примож Петерка (1997) и неговиот брат Петер Превц (2016).

Австријците на подиум, Зајц дисквалификуван

Подиумот во Гармиш го комплетираа Австријците Јан Херл (второ место) и младиот Штефан Ембахер (трето место), за кого ова беше прв подиум во кариерата на само 19 години.

Од друга страна, лошите вести за Словенија дојдоа од Тими Зајц, кој беше дисквалификуван по вторпат оваа недела поради неправилност во оделото (отстапување од 4 милиметри) и ќе ги пропушти преостанатите натпревари во Австрија.

Турнејата сега се сели во Австрија, каде на 4-ти јануари се скока во Инсбрук.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено