(Видео) Првенец за Мурињо: Бенфика го сруши Ајакс, но вистинското предупредување дојде од Истанбул!

Објавено:

Почетокот на петтото коло во Лигата на шампионите донесе драматични вести, особено за клубовите кои се борат за опстанок. Жозе Мурињо ја запиша својата прва победа во Лигата на шампионите со новиот клуб, Бенфика, но најголемото изненадување дојде од Истанбул, каде белгискиот Унион Сент-Жилоас испрати директно предупредување до Олимпик Марсеј.

Мурињо ја напушти последната позиција, Ајакс на дното!

Дуелот меѓу Ајакс и Бенфика беше битка за последна шанса. И двата тима влегоа без победа. Подобро се снајде четата на Мурињо, која славеше сигурна победа од 0-2.

Бенфика експресно поведе уште во шесттата минута, кога Самуел Дал со неодбранлив волеј ја смести одбиената топка во мрежата, по еден обид со глава на Николас Отаменди.

Ајакс ја имаше контролата на топката, но беше неефикасен, а казната стигна во самиот финиш. Леандро Бареиро во 90-та минута стави точка на натпреварот.

Со оваа победа, Бенфика ги освои првите три бода и привремено го напушти дното, додека Ајакс остана на последното место со нула бодови, продолжувајќи ја мизерната серија од само една победа на последните десет натпревари во сите конкуренции.

Белгискиот „Унион“ го шокираше Истанбул и го предупреди Марсеј

Во вториот ран натпревар, Унион СЖ го приреди изненадувањето на вечерта, славејќи минимална победа од 0-1 на жешкиот терен во Истанбул против Галатасарај.

На турскиот тим видно му недостигаше повредениот топ-стрелец Виктор Осимен, а работите станаа уште потешки кога тимот заврши со десет играчи по исклучувањето на младиот Арда Унјај.

Белгијците ја искористија шансата: Промис Дејвид го постигна единствениот гол во 57-мата минута, но најважно е што овој триумф претставува јасен сигнал до нивниот следен ривал – Олимпик Марсеј. Францускиот тим е предупреден: патувањето во Белгија на 9 декември може да биде многу покомплицирано отколку што очекувале.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено