(Видео) ПСЖ го совлада Фламенго по пенал рулет! „Светците“ првпат слават на Интерконтиненталниот трон!

Објавено:

Париз конечно има светски шампион! Во една незаборавна ноќ во Доха, Катар, Пари Сен Жермен го совлада бразилскиот гигант Фламенго по изведување пенали, со што за првпат во својата историја го подигна пехарот во Интерконтиненталниот куп. Натпреварот на стадионот „Ал Рајан“ по 120 минути заврши со нерешени 1-1, но во пенал-рулетот францускиот тим беше поприсебен и славеше со 2-1.

Апсолутен херој на ноќта е голманот Матвеј Сафонов, кој со своите интервенции во серијата удари од белата точка ги „замолкна“ многубројните навивачи на бразилскиот тим и му ја донесе историската титула на тимот на Луис Енрике.

Кварацхелија погоди, ВАР ги сопре „светците“

ПСЖ влезе во мечот со јасна намера веднаш да го наметне своето темпо. Веќе во воведните минути Витиња со одличен слободен удар го пронајде Жоао Невеш, но неговиот обид за малку заврши покрај стативата. Дека ова ќе биде напната вечер најави и ситуацијата во 11-тата минута кога ПСЖ постигна гол по голема грешка на одбраната на Фламенго, но по долга ВАР проверка, истиот беше поништен бидејќи топката претходно излегла во аут.

Сепак, упорноста се исплатеше пред крајот на првиот дел. Во 40-тата минута, младиот Дезире Дуе испрати остар низок центаршут кој предизвика хаос во шеснаесеттникот на Бразилците, а Хвича Кварацхелија реагираше најбрзо и ја смести топката во празната мрежа за голема радост на парижаните.

Драмата во пенал-рулетот

Иако ПСЖ доминираше во голем дел од мечот, Фламенго успеа да се врати и да го одведе финалето во продолженија, а потоа и во пенали. Таму, кога притисокот беше на највисоко ниво, Сафонов покажа зошто Луис Енрике му ја довери единицата. Со две клучни одбрани, рускиот голман ги скрши соништата на Бразилците и овозможи историско славје на ПСЖ во Катар.

Оваа титула е огромно достигнување за проектот на ПСЖ, кој по години доминација во Франција, конечно успеа да се закити со еден од најпрестижните меѓународни трофеи, потврдувајќи дека тимот е подготвен за најголемите дострели на светската сцена.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено