Светското финале на „Ред Бул Тетрис“ влезе во историјата на гејмингот, претворајќи го гигантскиот архитектонски објект „Дубаи Фрејм“ (Dubai Frame) во најголемиот екран за Тетрис што некогаш бил создаден. Со висина од над 150 метри, објектот стана буквално најголемата гејминг арена во светот, а натпреварувањето се одржа со помош на импресивно шоу со 4.000 дронови вкупно.
Победниците од националните турнири ширум светот беа донесени во Дубаи, каде што, по драматични пресметки, во полуфиналето се најдоа Фехми Аталар од Турција и Леонардо Солорзано од Перу.
Аталар до победа со „YOLO“ стратегија
Во одлучувачкиот меч, Аталар успеа да го победи Солорзано и ја доби предноста да одбере кој ќе игра прв на „Фрејм“. Турчинот одлучи да игра втор, за да може да ја процени играта на противникот.
Солорзано прв настапи, играјќи под голем притисок, и освои респектабилни 57.164 поени. Но, Фехми Аталар го сруши овој резултат со повеќе од две минути преостанато време и ја заврши играта со неверојатни 168.566 поени, обезбедувајќи ја светската титула.
Аталар призна дека играњето втор му помогнало да ја совлада нервозата и да ја научи играта од противникот: „Откако знаев што треба да победам, се опуштив. Само реков ‘YOLO’ (живееш само еднаш) и успеав“. Тој го опиша играњето на „Дубаи Фрејм“, кое беше реализирано со 2.800 специјални дронови како „единствено во својот вид“ искуство.
Творецот на Тетрис: „Никогаш не мислев дека ќе трае толку долго“
Спектаклот го проследија и самиот креатор на Тетрис, Алексеј Пажитнов, и основачот на „The Tetris Company“, Хенк Роџерс.
Пажитнов, кој ја создал играта пред повеќе од 40 години, призна дека немал поим колку таа ќе биде популарна. Тој објасни дека тајната на Тетрис е нејзината безвременска природа: „Добра игра е нешто за вашиот мозок. Вие го ажурирате софтверот, но не го надградувате мозокот толку често. Она што ви се допаѓа на почетокот, ви се допаѓа до крајот на животот“.

Името Тетрис потекнува од комбинација на грчкиот збор ’Tetra’ (четири) и ’tennis’ (затоа што Пажитнов многу го сакал тенисот).
Хенк Роџерс, пак, самоуверено изјави дека Тетрис ќе биде популарен и понатаму: „Ќе ме интервјуирате за 40 години, а Тетрис ќе биде на Олимпијада. Тетрис Олимпијада“.
Настанот не само што го круниса новиот светски шампион, туку и постави нов стандард за интерактивни гејминг настани, спојувајќи ги модерната технологија (дронови) со една од најкласичните видео игри на сите времиња.




