Љубителите на ракометот денеска присуствуваа на нестварен натпревар во рамките на групата Д. Словенија ја совлада Црна Гора со 41:40, во дуел кој влегува во аналите како натпревар со најмногу постигнати голови на еден ЕХФ ЕУРО меч. Претходниот рекорд датираше од 2016 година (Исланд – Белорусија 38:39), но денешните 81 гол поставија нови стандарди.
Драма до последната секунда
Натпреварот беше „дива“ трка во која нападите целосно ги засенија одбраните. Иако двете репрезентации настапија без своите први голмани (Ферлин кај Словенија и Симиќ кај Црна Гора), напаѓачкиот потенцијал беше на максимално ниво. На пет минути пред крајот резултатот беше израмнет (37:37), но искуството на Словенците и клучниот гол на Борут Мачковшек за 41:39 на самиот крај ја пресудија победата.
Вујовиќ нестварен, „Барса“ дуото доминантно
Иако Црна Гора загуби, Бранко Вујовиќ беше прогласен за играч на натпреварот со неверојатни 11 голови. Кај Словенија, клучна беше повратничката енергија на тандемот од Барселона – Блаж Јанц и Домен Макуц, кои заедно постигнаа 17 голови и беа нерешлива енигма за црногорската одбрана.
„Победивме, тоа е најважно. Покажавме карактер, особено во второто полувреме кога губевме. Тие беа исклучително тежок противник, но успеавме да го наметнеме нашиот ритам во последните 15 минути“, изјави словенечкиот голман Јоже Базник.
Црногорскиот бомбардер Бранко Вујовиќ по мечот спортски честиташе:
„Ние сме два различни тима. Тие се мали и брзи, ние сме поголеми и посилни. На крајот видовме 81 гол. Денес беше Словенија, следниот пат можеби ќе бидеме ние“.



