Саботата во Клингентал (Германија) се претвори во приватен празник на семејството Превц. Словенечките ѕвезди, брат и сестра, ги освоија златните медали во двете конкуренции, потврдувајќи ја доминацијата на Словенија во светот на ски-скоковите.
Домен Превц ја продолжи својата „тероризација“ на конкуренцијата со трета победа по ред во Светскиот куп, додека Ника Превц претходно во денот ѝ се реваншираше на својата голема ривалка од Јапонија.
Домен е незапирлив: Победа со 25 поени разлика!
По „даблот“ во Висла, Домен Превц пристигна во Германија полн со самодоверба. Тој едноставно ги „оддува“ ривалите со скокови од 142,5 и 143 метри, завршувајќи со вкупно 298,5 поени.
Колку беше доминантен говори податокот дека победи со предност од дури 25,5 поени пред второпласираниот.
Второто место му припадна на повратникот Штефан Крафт (Австрија), кој собра 273 поени. Ова беше емотивно враќање за Крафт, кој паузираше поради раѓањето на неговото прво дете. „Не можев да посакам ништо подобро од медал по непроспиените ноќи дома,“ изјави Крафт. Трет заврши домашниот миленик Филип Рајмунд.
Ника Превц возврати на ударот
Претходно во денот, помладата сестра Ника Превц покажа шампионски карактер. Откако ден претходно загуби за само еден поен од Јапонката Нозоми Марујама, овојпат Ника беше таа што славеше.
Со скокови од 135 и 138 метри, таа собра 294,1 поени, победувајќи ја Марујама (290,1 поени) во директен дуел. Третото место и припадна на Ана Штром од Норвешка.
„Ова не е скокалница на која се чувствувам сигурно, ми требаше време да ја сфатам, но среќна сум со резултатот,“ скромно изјави Ника по победата.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



