Ерата на Дарен Флечер како привремен кормилар на „Олд Трафорд“ започна со фрустрирачко реми. Во натпревар полн со возбудувања, Барнли и Манчестер Јунајтед ги поделија бодовите на „Т’рф Мур“ играјќи 2:2, резултат кој најмалку им одговара на „црвените ѓаволи“ во трката за Лигата на шампионите.
Иако Јунајтед доминираше (30 шутеви кон гол наспроти 7 на Барнли), повторно плати данок на неефикасноста и дефанзивните пропусти.
Шешко конечно проработе, но Ентони го шокираше Флечер
Вечерта започна кошмарно за гостите кога младиот Ајден Хевн си постигна автогол во 13-тата минута по центаршутот на Хамфрис.
Сепак, второто полувреме донесе „блицкриг“ на Јунајтед. Бенџамин Шешко, кој беше мета на критики во изминатиот период, конечно покажа зошто беше доведен. Словенецот постигна два гола за само десет минути (50’ и 60’), правејќи целосен пресврт.
Но, радоста траеше кратко. Резервистот Џејдон Ентони во 66-тата минута испрати „проектил“ во мрежата на Ламенс за конечни 2:2, оставајќи го Флечер без победа на дебито.
Тим Шервуд: „Шешко не е доволно добар за Јунајтед“
И покрај двата гола, легендарниот Тим Шервуд не беше импресиониран од Шешко.
„Позитивно е што даде голови, но му требаа шест месеци да се појави. Јас на полувреме ќе го извадев и никогаш повеќе немаше да го облече дресот на Јунајтед. Стојам на ставот дека не е доволно добар за овој клуб“, изјави Шервуд за Sky Sports.
Што понатаму за Јунајтед?
Со ова реми, Јунајтед останува на 7-то место на табелата со 32 бода, исто колку и Њукасл, но далеку од врвот каде Арсенал води со 48 бодови. Раководството на клубот, предводено од Џејсон Вилкокс, продолжува со потрагата по трајно решение, а имињата на Оле Гунар Солскјер и Мајкл Керик се сè почесто се споменуваат.



