(Видео) Сладок пораз за историја: Шкендија ќе игра европска пролет!

Објавено:

Вечерва се испиша нова страница во историјата на македонскиот клупски фудбал. Тетовска Шкендија, и покрај поразот на Кипар, стана првиот македонски тим што обезбедил пласман во нокаут-фазата (плеј-оф) од едно европско натпреварување преку групна фаза.

„Црвено-црните“ загубија со 1-0 на гостувањето кај АЕК Ларнака во последното 6. коло од Конференциската лига, но благодарение на останатите резултати и гол-разликата, го „фатија последниот воз“ за европска пролет.

Драма со десетмина во Ларнака

Натпреварот на „АЕК Арена“ беше вистински тест за нервите на навивачите. Шкендија добро се држеше во првото полувреме, па дури и имаше среќа кога ВАР поништи гол на домаќините пред паузата. Сепак, плановите на Џетон Беќири се комплицираа во 53. минута, кога Лиридон Латифи заработи директен црвен картон, оставајќи ги своите соиграчи на цедило.

Македонскиот првак херојски се бранеше со играч помалку, но бедемот попушти во 83. минута кога Карол Ангиелски погоди за 1-0.

Математиката беше на страна на Тетовчани

И покрај поразот, Шкендија ја заврши групната фаза на 22. место со 7 освоени бодови (2 победи, 1 нерешена, 3 порази). Клучна беше гол-разликата (-1), која беше подобра од конкурентите како Зрињски, Сигма Оломоуц и Универзитатеа Крајова, кои исто така имаа по 7 бодови.

Ова е огромен успех не само за клубот, туку и за македонскиот коефициент, бидејќи Шкендија ќе продолжи да се натпреварува во февруари. Ждрепката за противникот во плеј-офот ќе се одржи на 16 јануари.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено