Интер излезе како победник од вистинската фудбалска војна против Јувентус, славејќи со 3:2 во натпревар кој долго ќе се анализира. Иако „бјанконерите“ покажаа неверојатен карактер играјќи со фудбалер помалку повеќе од едно полувреме, Пјотр Зјелински стана херојот на „нероазурите“ во последната минута од регуларниот дел.
Хаотично прво полувреме и бизарен почеток
Натпреварот започна на најчуден можен начин. Во 17-та минута, Луис Енрике се обиде да го проигра Маркус Тирам, но топката го погоди Андреа Камбијасо и го изненади голманот Ди Грегорио за водство на Интер. Сепак, Камбијасо се извади за грешката само десет минути подоцна, кога по една акција на Мекени, се најде на вистинското место за 1:1.
Контроверзијата на Калулу
Клучниот момент на мечот се случи во 42-та минута. Пјер Калулу заработи втор жолт картон по еден дуел со Бастони. Играчите на Јувентус беа бесни, тврдејќи дека немало никаков контакт, но бидејќи ВАР не може да интервенира за жолти картони, одлуката остана на сила. Јуве мораше да го продолжи мечот со 10 фудбалери.
Драма до последен здив
Интер го искористи бројчаното премуство во 76-та минута кога Димарко го пронајде резервистот Франческо Пио Еспозито, кој со прекрасен лоб-удар со глава погоди за 2:1. Но, Јувентус одби да се предаде. Во 83-та минута, Мануел Локатели ја замолкна „Меаца“ со прецизен удар од работ на шеснаесеттникот за 2:2.
Сепак, последниот збор ја имаше Пјотр Зјелински. Во 90-та минута, полскиот интернационалец шутираше низ нозете на Локатели, го измами Ди Грегорио и донесе огромна победа за тимот на Кристијан Киву.



