Јувентус ја доби големата пресметка против Рома со 2-1, резултат кој максимално ја закомпликува битката за четвртата позиција во Серија А. Во дуел на двајца стратешки велемајстори, Лучијано Спалети излезе како победник против Џан Пјеро Гасперини, приближувајќи се на само еден бод до „Волчицата“.
Магијата на Консеисао и деби-голот на Опенда
Натпреварот започна со високо темпо, а Јувентус ја круниса својата иницијатива во самиот финиш на првиот дел. Во 44. минута, по одличното проигрување на Јилдиз и луцидното проигрување со пета на Камбијасо, Франциско Консеисао мајсторски ја пласираше топката низ нозете на Зиолковски за водство од 1-0.
Во второто полувреме, притисокот на домаќините продолжи, а круната стигна во 70. минута. По ударот со глава на Меккени кој Свилар го одбрани, најснаодлив во петерецот беше белгискиот напаѓач Лоис Опенда, кој го постигна својот прв гол во италијанскиот шампионат за 2-0.
Драма во финишот и повреди на двете страни
Рома успеа да се врати во натпреварот преку Томазо Балданци во 75. минута, откако претходно Еван Фергусон упати силен удар кој Ди Грегорио само го одби. Сепак, „Џалоросите“ немаа сили за целосен пресврт. Натпреварот го одбележаа и неколку повреди. Кај Јувентус предвреме излегоа Консеисао и Бремер (кој се врати по долга пауза), додека кај Рома настрада Леон Бејли само 20 минути по влегувањето во игра.
Лацио и Кремонезе ги „заборавија“ головите на „Олимпико“
Додека во Торино „прштеше“ на сите страни, во Рим навивачите на Лацио останаа разочарани по ремито без голови (0-0) против повратникот Кремонезе. „Бјанкочелестите“ уште еднаш ја потврдија статистиката дека се еден од тимовите на чии натпревари паѓаат најмалку голови оваа сезона, не успевајќи да го скршат отпорот на организираните гости.
Најдобрите шанси за Лацио ги пропуштија Гендузи и Кастелјанос, додека на спротивната страна ветеранот Џејми Варди имаше колосална прилика со глава, но неговиот обид заврши над пречката. Адам Марушиќ во финишот се обиде да донесе три бода, но шутираше директно во Аудеро. Со овој бод Лацио останува на осмата позиција, додека Кремонезе продолжува да биде пријатно изненадување на средината на табелата.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



