(Видео) Страшна е оваа Данска: Падна историски рекорд против Романија, домаќинот веќе е во главната рунда!

 

Објавено:

Додека Македонија славеше голем бод против Португалија, ко-домаќинот Данска приреди уште една ракометна лекција во преполната „Јиске Банк Боксен“ арена во Хернинг. Избраниците на Николај Јакобсен ја прегазија Романија со 39-24, со што официјално го заверија својот билет за главната рунда на ЕП 2026.

Историски триумф во Хернинг

Оваа победа од 15 разлика влегува во историјата како најубедлив триумф на Данска на Европските првенства, рушејќи го претходниот рекорд од 14 голови предност. Романците на Џорџ Буричеа успеаја да парираат само во првите 15-тина минути, но потоа на сцена стапи данската машинерија.

Симон Питлик го диктираше темпото во првиот дел со седум гола, додека во второто полувреме Матијас Гидсел ја презеде палката и заврши како прв стрелец со 9 погодоци. На голот, Кевин Мелер беше несовладлив со неверојатни 17 одбрани, заслужено понесејќи ја наградата за играч на натпреварот.

Јубилеј во „кутијата“

За Данците ова беше јубилејна 25-та победа во нивната омилена сала во Хернинг. Со оглед на тоа што и главната фаза, полуфиналето и финалето се играат на истото место, светскиот шампион изгледа незапирливо на патот кон европскиот трон. Единствена црна точка на мечот беше повредата на кружниот напаѓач Лукас Јоргенсен, чија состојба дополнително ќе се испитува.

Овој резултат директно влијае и на Македонија, Данска е сигурна, а патникот кој ќе им се придружи ќе се бара меѓу нас и Португалија во последното коло.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено