Вистинска ракометна драма и невидено возбудување ни донесе дербито од 4. коло во плеј-офот на македонската Суперлига! Екипата на ГРК Охрид приреди огромна сензација и успеа да го совлада актуелниот шампион Еурофарм Пелистер среде Битола со резултат 26:27, благодарение на спектакуларен гол во самата завршница од натпреварот.
Овој пораз е сериозен, можеби и кобен удар за амбициите на битолчани да ја одбранат шампионската титула. Најмногу на овој резултат се радува скопски Вардар 1961, кој сега како лидер на табелата има отворен автопат кон враќање на пехарот во своите витрини. Со оваа победа, Охрид се израмни бодовно со Еурофарм Пелистер (двете екипи имаат по 42 бода) и сериозно се вклучува во битката за втората позиција.
Натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ започна со изедначена игра. Охриѓани одлично го отворија мечот и први поведоа, но домашните ракометари набрзо се разбудија и предводени од Дејан Манасков успеаја да направат серија и да заминат на полувреме со предност од 13:11. Битолчани во овој дел од играта останаа без услугите на Осама Хосни кој заработи директен црвен картон.
Во второто полувреме, избраниците на Стевче Алушовски покажаа неверојатен карактер. Иако Пелистер во еден момент имаше предност од три гола, гостите направија серија од 4:0 и го презедоа водството (17:19). Следуваше вистинска рововска битка каде играше гол за гол. Во 55-тата минута Никола Митревски одбрани важен пенал за домашните, а Филип Кузмановски донесе ново водство за Пелистер од 24:23.
Но, драмата допрва следеше. На влезот во последната минута, Анте Иванковиќ и Анджеј Видомски погодија за ново израмнување (26:26). Во последниот напад за гостите, херојот на Охрид, Тилен Стрмљан, со звукот на сирената испрати неодбранлив проектил во аголот од голот и донесе огромна радост за својот тим.
Најефикасен во победничкиот табор беше токму Стрмљан со 5 погодоци (без промашување), одлично следен од Ален Ќосевски и Томислав Јагуриновски со по 4 гола. Голманот Кристијан Пилиповиќ забележа 7 клучни интервенции. Кај Еурофарм Пелистер најмногу се истакна Дејан Манасков со 6 гола.
Во следното коло, ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува тешко гостување во Автокоманда кај Алкалоид, додека Охрид на домашен терен ќе го пречека Тиквеш.



