Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар, на најдобар можен начин потврди дека оваа сезона е апсолутен фаворит за враќање на шампионскиот пехар во своите витрини. Во рамките од 29. коло на Првата македонска фудбалска лига, „црвено-црните“ на Националната арена „Тодор Проески“ го демолираа тимот на Тиквеш со убедливи 7:0.
Оваа победа не е само триумф за три бода, туку моќна порака до конкуренцијата во финишот на првенството. Вардар сега има 71 бод на врвот на табелата, додека Кавадарчани останаа на 40 бодови.

Доминација од првата до последната минута
Убедливиот триумф на лидерот беше најавен уште во 3. минута, кога Цветковиќ го отвори резултатот по една одлична акција. Гостите од Кавадарци немаа одговор за нападите на расположениот домаќин, па веќе во 25. минута Горан Закариќ зголеми на 2:0.
Само четири минути подоцна, повратникот Дарко Велковски погоди за 3:0, а пред крајот на првиот дел, во 39. минута, Георгије Јанкулов ја запечати судбината на гостите со гол за 4:0. Работата на Тиквеш дополнително се отежна со црвениот картон на Данаил Тасев, по што беше јасно дека единствена непозната ќе биде крајниот резултат.

Капитенот Омерагиќ за „печат“ на катастрофата
Вардар не застана ниту во вториот дел. Цветковиќ во 61. минута го постигна својот втор гол за 5:0, а потоа на сцена стапи капитенот Азер Омерагиќ. Во 75. минута, Омерагиќ со прецизен удар со глава зголеми на 6:0, а точка на натпреварот стави во 82. минута од пенал, комплетирајќи ја „седумката“ за вистинска катастрофа на гостинскиот тим.
Спектакл на трибините: Пет фази на „Комити“ и поддршка за гостите
Натпреварот имаше и своја ревијална страна на трибините. Навивачката група на Вардар, „Комити Скопје“, приреди вистинско шоу со кореографија изведена во дури пет фази. Нивната поддршка беше дополнителен ветар во грбот за играчите на теренот низ сите 90 минути.
На Градскиот стадион беа присутни и навивачите на Тиквеш, „Лозари“, кои и покрај резултатскиот дебакл на својот миленик, допатуваа во Скопје за да го бодрат својот клуб, давајќи му на овој дуел вистински навивачки шмек.



