Витиња со МВП признание и огромна почит за Фламенго: „Победивме само на пенали!“

Објавено:

Пари Сен Жермен е на покривот на светот, а еден од главните архитекти на овој историски успех, Витиња, покажа дека е голем и во победата. Португалскиот играч за врска не само што го подигна трофејот во Интерконтиненталниот куп, туку беше прогласен и за МВП (најдобар играч) на големото финале, примајќи ја наградата лично од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Иако славеа, Витиња по натпреварот упати серија комплименти до поразениот Фламенго, признавајќи дека Бразилците ги натерале „светците“ да го дадат и последниот атом од својата сила.

„Најголемиот комплимент е што победивме дури на пенали“

Витиња беше искрен во својата анализа за тоа колку тешко ПСЖ стигна до трофејот на стадионот „Ал Рајан“.

„Најдобриот комплимент што можам да им го дадам е тоа што бевме 100% фокусирани на овој меч, навистина сакавме да победиме, а сепак успеавме да триумфираме дури по изведувањето пенали“, изјави Португалецот.

Тој додаде дека Фламенго е „фантастичен и екстремно компетитивен тим“, откривајќи дека тренерот Луис Енрике точно предвидел со каков интензитет ќе нападнат Бразилците.

„Тренерот нè предупреди и точно предвиде како ќе се одвива натпреварот. Тие беа многу добри, дури и на крајот од нивната сезона, покажаа огромен квалитет и желба за победа“.

Историски успех за францускиот фудбал

Овој трофеј има посебна тежина за тимот од Париз, не само поради престижот, туку и поради фактот што ПСЖ стана првиот француски клуб во историјата кој успеал да го освои Интерконтиненталниот куп.

„Ниту еден француски клуб досега не го освоил ова… Токму затоа навистина сакавме да победиме; бевме 100% посветени на оваа цел“, потенцираше Витиња.

За Португалецот, 2025 година завршува како од бајките со титула во Интерконтиненталниот куп и индивидуално МВП признание, со што само го потврди својот статус на еден од најдобрите играчи за врска во денешниот фудбал.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено