Трпението на навивачите во Вашингтон конечно беше наградено. Синоќа во Чикаго, Вашингтон Визардс излегоа како големи победници на НБА Лотаријата за 2026 година, добивајќи ја привилегијата да го имаат првиот пик на драфтот кој аналитичарите го сметаат за еден од најквалитетните и најдлабоките во поновата историја.
Визардс, кои ја завршија регуларниот дел од сезоната со најлош скор во лигата, конечно добија „награда“ за тешкиот период на реинвенција на франшизата. Ова е третпат во историјата Вашингтон да победува на лотаријата, по 2001 година (Кваме Браун) и 2011 година, кога го избраа легендарниот Џон Вол. Токму Вол беше претставникот на тимот на сцената кој им донесе среќа на „волшебниците“.
Генерација на суперѕвезди: Кој ќе биде новиот лидер?
Драфт генерацијата во 2026 година нуди „голема четворка“ од која се очекува веднаш да го промени ликот на НБА лигата. Главни фаворити за првото место се Еј-Џеј Дибантса (BYU), бекот на Канзас Дарин Питерсон, моќниот центар на Дјук Камерон Бузер и крилото на Северна Каролина Кејлеб Вилсон.
„Ова е момент за славење на нашите навивачи. Овој прв пик е за нив, како награда што останаа со нас низ сите тешки моменти. Сега добиваме шанса да додадеме врвен млад атлет во нашето јадро кое веќе го сочинуваат суперѕвездите Тре Јанг и Ентони Дејвис“, изјави претседателот на тимот, Мајкл Вингер.
Трагедија за Индијана, среќа за Клиперс
Додека во Вашингтон се славеше, во Индијана владееше очај. Пејсерс ја завршија сезоната со вториот најлош скор, но среќата им го сврте грбот и паднаа на петтото место на лотаријата. Ова е катастрофален исход за нив, бидејќи поради договорот за трејдот на Ивица Зубац, Индијана го задржуваше пикот само ако тој биде во топ 4. Вака, ЛА Клиперс го добиваат петтиот пик како „подарок“.
Втор на драфтот ќе бира тимот на Јута Џез, трет е Мемфис Гризлис, додека топ 4 листата ја заокружуваат Чикаго Булс.
Топ 10 поредок на НБА Драфт 2026:
- Вашингтон Визардс
- Јута Џез
- Мемфис Гризлис
- Чикаго Булс
- ЛА Клиперс (од Индијана)
- Бруклин Нетс
- Сакраменто Кингс
- Атланта Хокс (од Њу Орлеанс)
- Далас Маверикс
- Милвоки Бакс



