Влатко Грозданоски, еден од помошниците во стручниот штаб на Благоја Милевски, преку официјално соопштение се збогуваше со македонската А репрезентација. Неговата изјава доаѓа само неколку дена откако ФФМ потврди дека Благоја Милевски повеќе не е селектор.
Грозданоски, кој мина четири и пол години како дел од тренерскиот тим, а претходно една деценија го носеше дресот како фудбалер, во својот емотивен, но професионален осврт се заблагодари на соработниците и на играчите.
„Секој почеток има и свој крај“
Во својата изјава, тој истакна дека ова за него е крај на една „убава приказна“:
„Една убава 4,5 годишна приказна со А репрезентацијата на Македонија… Имаше повеќе убави и нормално помалку неубави моменти. Благодарност до играчите, стручниот штаб… а посебно до селекторот Боби Милевски од кого јас како млад тренер сум среќен што имав можност да учам и да напредувам“.
Грозданоски не штедеше пофалби за својот „шеф“, нарекувајќи го „најдобриот тренер во Македонија“ и потсетувајќи на бројките кои често се забораваат во екот на критиките:
„Бројките и успесите говорат сами по себе. Два баражи за Светско првенство… промоција во Б дивизија на Лига нации… 14 квалификациони натпревари без пораз… победа над Италија (тогаш актуелниот Европски првак)“.
Реалноста и иднината
За крај, поранешниот репрезентативец упати и една реална порака за очекувањата на јавноста:
„Да бидеме реални, не сме светска велесила во фудбал. До некое следно видување и соработка, да сте живи и здрави“.
Ние во Спортска Станица му посакуваме на Влатко многу успех на неговиот понатамошен фудбалски пат, среќа во новите предизвици и многу идни професионални ангажмани.
Ова простување го означува конечното затворање на поглавјето на стручниот штаб кој нè однесе до историската победа во Палермо. Ние веќе му оддадовме почит на селекторот во нашата статија „Сер Боби, ти благодариме!“, каде што детално се осврнавме на успесите и предизвиците на оваа ера.
Сега, погледите се вперени кон 25 декември, рокот кој ФФМ си го постави за назначување на новиот предводник на националниот тим.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



