Водич низ мундијалските стадиони: Ванкувер – Арена сместена меѓу океанот и планините

 

Објавено:

Нашата мундијалска турнеја ги напушта Соединетите Американски Држави и се сели на канадско тло, каде што пристигнуваме во еден од најживописните и најрелаксираните градови на планетата. Ванкувер, со својата нереална природна убавина, лежерен стил на живот и врвна забава, со право важи за кандидат за најубава дестинација на ова Светско првенство. Ова лето, сите патишта во градот ќе водат кон строгиот центар каде што стадионот „БЦ Плејс“ (BC Place) ќе биде епицентарот на фудбалската еуфорија за кодомаќинот Канада.

Овој грандиозен објект има богата и гламурозна спортска историја. Токму тука се одржаа свечените церемонии за отворање и затворање на Зимските олимписки игри во 2010 година, како и епското големо финале на Светското првенство за жени во 2015 година. Сега, со комплетно нов и свеж изглед, оваа урбана тврдина е подготвена да ги угости најважните и историски натпревари на машката фудбалска репрезентација на Канада.

Единствениот стадион без корпоративен спонзор и хамелеонскиот покрив на Томас Милер

Во морето од мундијалски стадиони каде ФИФА мораше принудно да ги прекрива комерцијалните имиња на компаниите со платна, овој објект е вистински исклучок и феномен. Стадионот е во сопственост на покраината Британска Колумбија и уште од своето отворање во 1983 година гордо го носи истото име. Тој е единствениот од сите 16 мундијалски стадиони кој нема комерцијален спонзор во својот назив, па за време на турнирот ФИФА само минимално го прилагоди неговото име во „БЦ Плеј Ванкувер“.

Кога беше изграден во 1983 година, стадионот влезе во Гинисовата книга како најголем објект со купола на воздушен притисок во светот. Но, за потребите на Олимпијадата во 2010 година, беше извршена масивна реконструкција вредна дури 514 милиони долари со која балонот беше отстранет и беше инсталиран најголемиот подвижен покрив на кабли во светот.

Објектот е официјален дом на МЛС тимот Ванкувер Вајткепс и ЦФЛ тимот БЦ Лајонс. Иако за натпреварите од домашното првенство горната трибина вообичаено е затворена поради слаба посетеност, неодамнешниот подем на фудбалот во градот, предводен од доаѓањето на германската легенда и светски шампион Томас Милер, предизвика нереално лудило за билети, па горниот прстен мораше да биде експресно отворен уште во плејофот во 2025 година. За потребите на Светското првенство, стадионот ќе работи со својот полн капацитет од 54.500 седишта, што го прави четврти најмал објект на овој турнир, но дефинитивно еден од најгласните.

Рок-иконата Нил Јанг, Папата Јован Павле Втори и лудото финале од 2015 година

Иако фудбалот допрва ќе го доживее својот врв, „БЦ Плеј“ веќе има статус на култна спортска и културна ризница на Источниот брег. Навивачите во Канада сè уште со огромна патриотска еуфорија се сеќаваат на Зимските олимписки игри во 2010 година, а највпечатлив момент во историјата на оваа арена останува настапот на култниот рок-музичар Нил Јанг, кој сам со својата гитара ја изведе „Long May You Run“ пред олимпискиот оган.

Покрај тоа, во 1984 година, Папата Јован Павле Втори одржа историски говор пред преполн стадион кој ги надмина сите безбедносни капацитети. Во 2014 година тука се одигра и првиот хокеарски НХЛ меч на отворено под подвижен покрив во рамките на „Heritage Classic“, а стадионот дури 10 пати беше домаќин на „Grey Cup“ финалето во американски фудбал. Во фудбалскиот свет, стадионот стана бесмртен во 2015 година кога го угости финалето на Светското првенство за жени, во кое САД го демолираа Јапонија со 5-2 во еден од најатрактивните мечеви во историјата на женскиот фудбал.

Тревник од Фрејзер Валеј и спас од дождливиот урбан пекол

Климата во Ванкувер е позната како исклучително блага, но овој град има еден препознатлив белег – тој е убедливо најдождливиот голем центар во Канада и во речиси цела Северна Америка. Иако летните месеци во јуни и јули нудат пријатни температури, ненадејните врнежи се редовна појава, па чадорот ќе биде задолжителен реквизит за навивачите на улиците. За среќа, благодарение на модерниот подвижен покрив од специјално платно, навивачите на трибините ќе бидат комплетно заштитени и суви во случај на летни бури.

Најголемиот инженерски предизвик за организаторите беше подлогата. Стадионот вообичаено користи вештачка трева за потребите на МЛС лигата, но бидејќи регулативите на ФИФА се децидни, деновиве започна монтирањето на природен тревник. Оваа специфична подлога беше специјално развивана и тестирана од истражувачите од Универзитетот во Тенеси, а се одгледуваше во блиската долина Фрејзер Валеј со цел тревата перфектно да се прилагоди на климатските услови на Ванкувер непосредно пред свеченото отворање на турнирот.

Еколошки рај, патување со траект и пиво на плажа со поглед кон планините

За разлика од бруталните цени на јавниот превоз, логистичкиот хаос и безбедносните притисоци со кои навивачите ќе се соочат во дел од американските градови, Ванкувер е вистински „здив на свеж воздух“. Овој град нуди неверојатно ниво на комфор, сигурност и еколошка свест. Стадионот „БЦ Плеј“ има веројатно најдобра локација на целиот Мундијал – тој е сместен во самото градско јадро, што значи дека до него можете лесно и безбедно да се стигне пеш од која било точка во центарот на градот, уживајќи во прекрасната архитектура.

Она што го прави Ванкувер уникатен се неговите содржини околу стадионот. Ванкувер е едно од ретките места во Северна Америка каде што е сосем легално да отворите ладно локално пиво на плажа додека уживате во нереалниот поглед каде што океанот се спојува со снежните планински врвови.

Кои натпревари ќе се играат на БЦ Плеј Ванкувер?

Распоредот на стадионот во Ванкувер носи вкупно седум врвни мундијалски пресметки под подвижниот покрив, вклучувајќи ги двата клучни натпревари за Канада кои ќе одлучат дали домашната селекција за првпат во историјата ќе ја мине групната фаза. Дополнителен мотив за тимот предводен од Џеси Марш е тоа што доколку Канада заврши како прва во групата Б, тие ќе останат во својата база во Ванкувер и за натпреварот од шеснаесетфиналето:

13 јуни: Австралија – Турција (Група Д)

18 јуни: Канада – Катар (Група Б)

21 јуни: Нов Зеланд – Египет (Група Г)

24 јуни: Канада – Швајцарија (Група Б)

26 јуни: Белгија – Нов Зеланд (Група Г)

2 јули: Натпревар од 1/16 финалето (Победник Група Б – Третопласиран од Група Е/Ф/Г/И/Ј)

7 јули: Натпревар од 1/8 финалето

Доколку ви се допадна овој водич за првиот канадски стадион на нашата мапа, продолжете да ги следите и останатите приказни од нашиот серијал за Мундијалските стадиони!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено