Во денови кога македонската спортска јавност е преокупирана со „сапуницата“ во ФФМ, навредите по социјалните мрежи околу селекторското столче, вистинските херои на оваа нација тивко си ја вршат работата таму каде што е најважно – на зелениот терен.
Најновиот доказ дека репрезентативците се „свеж воздух“ во задушливата атмосфера доаѓа од Белгија. Столбот на нашата одбрана, Висар Муслиу, не само што одигра маестрален натпревар, туку и со капитенската лента на раката го предводеше својот тим до голема победа, потсетувајќи нè дека формата на играчите е она што навистина треба да нè интересира пред клучниот бараж.
Добрата вест не доаѓа сама. Елиф Елмас деновиве потврди дека се враќа на „голема врата“. Нашиот „Дијамант“ ја комплетираше италијанската триплета, освојувајќи го Суперкупот на Италија со Наполи, со што го израмни успехот на легендарниот Горан Пандев.
Лекција во Лиеж: Капитенот Муслиу го покори Стандард
На вчерашниот натпревар од белгиската Про Лига, тимот на Сент Труден славеше голема победа на жешкиот гостински терен против гигантот Стандард Лиеж со 1-2. Муслиу ги одигра целите 90 минути како капитен на тимот, командувајќи со одбраната која издржа под силниот притисок на „Морис Дуфрас“ стадионот.
Ова не е случајност. Сент Труден е вистински хит сезонава и се наоѓа на високото 3-то место на табелата, а нашиот дефанзивец е вистински лидер на теренот.

Од „Гостиварски воин“ до Топ 5 во Белгија
Перформансите на Муслиу не останаа незабележани. Според реномираниот „FotMob“, тој е вброен во Топ 5 најдобри централни дефанзивци во Белгија за 2025 година. Со просечна оценка од 7.28, тој е еден од најконстантните дефанзивци, не само во Белгија, туку и од целиот Балкан.
„Секогаш е убаво да се слушне дека си меѓу најдобрите дефанзивци во лигата. Секогаш се трудам да го дадам максимумот за Сент Труден“, скромно изјави Муслиу.
Играчите се надежта – Миовски, Чурлинов, Растодер…
Додека скандалозните препукувања помеѓу Ангеловски и ФФМ го трујат етерот, нашите интернационалци ни даваат причина за оптимизам. Не е само Муслиу. Бојан Миовски решета мрежи, Дарко Чурлинов се враќа во препознатливата брзина, Милан Растодер погодува, а уште многу други репрезентативци ја подигаат формата токму кога е најпотребно.
Овие момци се доказот дека македонскиот фудбал има светла иднина и здрав „имунитет“, и покрај „реалното шоу“ што ни го сервираат фудбалските работници од канцелариите.
Ако нешто научивме од поразот од Велс (7-1), тоа е дека без лидер како Муслиу, нашата одбрана е порозна. Неговото враќање во врвна форма и лидерската улога во Белгија е најдобрата можна вест пред судбоносниот меч со Данска.



