Во срцето на кањонот Матка, под мирната површина на езерото и меѓу карпите што ги чуваат тајните на природата, тлее една од најдлабоките и највозбудливите авантури во Европа – подводната пештера Врело. Од 30 јуни до 6 јули 2025, токму тука се одвиваше експедицијата “Врело 2025”, потфат кој уште еднаш го покажа предизвикот, опасноста и магијата што ја крие оваа пештера.
Предводени од домаќинот СНК Врело, експедицијата обедини елитни спелеонуркачи од Франција, Србија и Македонија, меѓу кои и светски познатиот Французин Фредерик Швиерцински, втор по ранг на светската листа рекордери на најдлабоки пештерски нурнувања. Тимот се спушти до длабочини кои ретко кој човек ги има видено со голо око, со цел да ја надмине последната евидентирана граница од 242 метри, достигната во 2017 од полски нуркач, и повторно да ја постави Врело во фокусот на европската спелеологија.
Во текот на неколкуте дена, нуркачите се соочија со реалноста на подводните пештери: секоја секунда, секое задржување подлабоко од планираното, носи ризик. На длабочина од 190 метри, открија прекината линија, што не беше дел од планираниот пат за длабинскиот зарон. Со оглед на тоа што продолжување под тие услови би значело зголемено време на декомпресија и потреба од дополнителни гасови, тимот и покрај најсовремената опрема одлучи да не ризикува и да го одложи финалниот потег за наредна мисија.

Иако не беше постигнат нов длабински рекорд, експедицијата не беше залудна. Тимот собра вредни подводни снимки, технички податоци и информации кои ќе послужат како темел за наредниот обид. Врело останува мистерија, но сега сме чекор поблиску до нејзиното целосно откривање.
Пештерата Врело не е само геолошки феномен. Таа е синџир на човечка истрајност, наука и почит кон непознатото. И додека светот брои километри автопати, ние кај Матка броиме метри длабочина, во темнина што зборува само на јазикот на храбрите.




