Заминува уште една ѕвезда од “триото од Барса”: Жорди Алба ја најави својата пензија

Објавено:

По повеќе од една деценија блесок на левата страна од теренот, Жорди Алба реши да ја стави точката на својата фудбалска кариера. 36-годишниот дефанзивец на Интер Мајами објави дека ќе се повлече од професионалниот фудбал на крајот од оваа сезона, само неколку месеци откако потпиша продолжување на договорот со клубот што требаше да трае до 2027 година.

“Време е да започнам ново поглавје и да го затворам ова со убаво чувство”, напиша Алба во емотивна објава на Инстаграм.

 

Левиот бек кој израсна во Ла Масија, се изгради како вистински маестро на својата позиција со комбинација од брзина, инстинкт и фудбалска интелигенција. По заминувањето од Барселона во 2023 година, Алба се приклучи на проектот во Мајами, заедно со долгогодишните пријатели Лео Меси и Серхио Бускетс.

Но, магијата од Каталонија полека згаснува на Флоридa. По објавата на Бускетс во септември дека и тој ќе се повлече на крајот на оваа сезона, Алба е вториот член од славното “трио” кој се збогува со фудбалот.

Од Барселона до Мајами – крај на едно пријателство, почеток на нова приказна

Кариерата на Алба е приказна за постојаност и страст. Од Валенсија до Камп Ноу, каде освои шест титули во Ла Лига и една Лига на шампиони, па сè до Мајами, градот во кој ја затвора кариерата, но и поглавјето на еден посебен фудбалски сојуз.

Кога Лионел Меси во летото 2023 година ја започна својата авантура во Америка со волшебен слободен удар, светот повторно виде дел од магијата од Барселона, само на друго тло. Две години подоцна, од тој триаголник остана само едниот врв, самиот Меси.

Нова ера за Интер Мајами

Оваа вест доаѓа во момент кога Интер Мајами се бори за врвот на Источната конференција, со уште два меча до крајот на регуларната сезона, против Атланта и Нешвил. Но зад кулисите, клубот веќе почнува да го црта своето идно лице.

Со заминувањето на Алба и Бускетс, Мајами ќе ослободи две нови играчки места за сезоната 2026. Едното е веќе резервирано за Родриго де Пол, кој преку клаузула ќе стане постојан член на тимот. Но второто место отвора огромна можност – место за врвен напаѓач или крило кое ќе го надополни генијот на Меси.

Покрај тоа, клубот е во завршни преговори за потпис со Серхио Регилон, поранешен играч на Реал Мадрид, Тотенхем и Атлетико. Тој би пристигнал како слободен агент, но поради правилата на МЛС, нема да може да настапи до сезоната 2026.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено