Фудбалската репрезентација на Германија забележа неверојатно важна и драматична победа од 2-1 против Брегот на Слоновата Коска во рамките на Групата Е на Светското првенство. Натпреварот во Торонто се претвори во вистински трилер, каде Германците мораа да бркаат негатива во најголемиот дел од средбата, за на крајот да се извлечат и да резервираат билет за нокаут-фазата (1/16 финале).
Четирикратните светски шампиони одиграа очајно прво полувреме, но навремените тактички промени и тројната замена на селекторот Јулијан Нагелсман во вториот дел целосно го сменија текот на натпреварот.
Кесие го шокираше Торонто, ВАР им поништи два гола на Германците
Брегот на Слоновата Коска одигра фантастично во првиот час од натпреварот. Нивниот храбар и офанзивен пристап вроди со плод во 30-та минута. Младата ѕвезда Јан Диоманде (инаку голема желба на Ливерпул) одлично проби по левата страна и испрати опасна топка во шеснаесетникот. По блокираниот удар на Амад, топката се одби до капитенот Франк Кесие кој рутински ја смести зад грбот на Мануел Нојер за водство од 1-0. За Кесие ова беше прв мундијалски погодок во неговиот 104-ти настап за репрезентацијата.
Германија беше фрустрирана. До крајот на првото полувреме тие успеаја двапати да ја затресат мрежата, но и двата гола беа поништени поради прекршоци во зачетокот на акциите, што предизвика огромно незадоволство и гласни свирежи од нивните навивачи на стадионот во Канада.
Дениз Ундав – херојот од клупата
Гледајќи дека работите не одат во посакуваниот правец, Нагелсман во 61-та минута направи тројна замена. Во игра влегоа Надием Амири и Дениз Ундав, потег кој се покажа како клучен.
Само седум минути подоцна (68-та минута), резервистите искомбинираа за израмнување. Амири испрати одличен центаршут кон втората статива, а Ундав реагираше најбрзо и со лесен допир израмни на 1-1, враќајќи ги надежите на својата нација.
Африканската селекција не се предаде, а нивниот голман Фофана во 89-та минута имаше брилијантна одбрана по ударот на Браун, најавувајќи дека натпреварот ќе заврши нерешено. Сепак, Германија не се откажа.
Во четвртата минута од судиското продолжување (90+4′), Феликс Нмеча испрати хируршки прецизно додавање низ одбраната на Брегот на Слоновата Коска. Левиот бек Конан „заспа“ и не постави офсајд-замка, што му овозможи на Ундав со фантастична контрола на топката да излезе сам пред Фофана и да погоди за 2-1, предизвикувајќи ерупција од воодушевување меѓу германските фанови.
Германија во 1/16 финалето
Дениз Ундав уште еднаш докажа дека е најсилното оружје на Нагелсман од клупата, откако и во првото коло против Курасао (7-1) забележа гол и две асистенции по влегувањето во игра.
Со оваа победа, Германија обезбеди пласман во нокаут-фазата, додека Брегот на Слоновата Коска, и покрај одличната партија, ќе има исклучително тешка задача за пласман понатаму. Во последното коло, Германија ќе игра против Еквадор, додека Африканците ќе мора да бараат победа против Курасао и да се надеваат на позитивен расплет во групата.



