Ако го следите досега нашиот серијал за “Историјата на сите клубови од Премиер лигата”, сигурно веќе знаете дека доаѓаме до еден од поинтересните клубови во лигата, чие потекло до ден денес е предмет на големи дебати во фудбалскиот свет.
Клубот кој повторно добива сјај во модерниот фудбал под водството на Оливер Гласнер, кој во сенката на големите лондонски имиња полека, но сигурно, си го црта својот пат нагоре. Без врева, без гламур, но со јасна идеја и стабилност што ретко се гледа во Премиер лигата. Ова е приказната за почетоците на Кристал Палас.
Приказната за Кристал Палас – Од стакло и железо до црвена и сина боја
Ако прашате било кој Европеец што го натерало да се заљуби во англискиот фудбал, најчесто ќе ви одговори – имињата. Има некоја поезија во Форест. Вила. Палас. А, можеби ниту едно не звучи толку викторијански како Кристал Палас.
Роден од стакло и железо, клубот својата приказна ја започнува долго пред првиот навивачки крик на “Селхарст Парк”. Во 1851 година, под раководство на Сер Џозеф Пакстон, се издигна блескавата структура, изложбениот салон “The Crystal Palace”, гордоста на индустриска Британија и симбол на Големата изложба во Хајд Парк.

Кога подоцна палатата беше преместена во Сиденхам, јужен Лондон, во сенката на грандиозната стаклена палата на Сиденхам Хил, група работници одлучиле дека викендите не се само за работа, туку и за фудбал. Така, во 1861 година, се појавил Кристал Палас, тим создаден од вработените во истоимената компанија што го управувала прочуениот изложбен павилјон “The Crystal Palace”, симболот на индустрискиот напредок на викторијанска Англија.
Сепак, до ден денес приказната за неговото потекло е една од најоспоруваните во светот на фудбалот.
Палас бил дел од самите темели на англискиот фудбал: тимот бил присутен на првиот состанок на Фудбалската асоцијација во 1863 година и дури стигнал до полуфинале на првиот ФА Куп во сезоната 1871/72. Но, неколку години подоцна клубот згаснал, како пламен што сјаел кратко, но силно.

Издигнувањето на новата Палата
Децении подоцна, во 1905 година, приказната повторно оживува, а дел од историчарите го сметаат овој датум за почеток на клубот. Фудбалот во Англија веќе станувал институција. Старите изложбени терени станале парк со градини и арена што ги собирала финалистите на ФА Куп пред дури 120.000 гледачи. Понесени од таа магија, сопствениците решиле да создадат тим кој ќе ја претставува самата Палата.
Но, ФА не им верувала, бидејќи постоел страв дека еден клуб може да има “домашна предност” на натпревари во Купот. Затоа, основачите формирале посебна компанија и во 1905 година се приклучиле на Јужната лига. Тоа е годината што повеќето ја сметаат за официјалното раѓање на фудбалскиот клуб Кристал Палас. Нов тим, со истото име и истата страст, се оформува во рамките на стадионот.

Со Првата светска војна, морнарицата ја презела Палатата, а клубот тргнал по долг пат без постојан дом, најпрво на “Херн Хил Велодром”, потоа во “Нест”, сè додека во 1924 година конечно не стигнале до свој вистински дом – “Селхарст Парк”, дизајниран од легендарниот архитект Арчибалд Лич.

Боите на Палас
Од самиот почеток, идентитетот на Палас се градел преку боите.
Првиот секретар и менаџер, Е.Ф. Гудман, пристигнал од Астон Вила и со себе ги донел кларет и сината – нијанси што засекогаш ќе го обележат клубот.
Со децении тие бои се менувале: минималистичка бела со широка кларет-сина лента од 1950-тите, впечатливите тенки линии од 1970-тите, и најпознатиот дизајн – црвено-сината дијагонална лента, носена со гордост во полуфиналето на ФА Купот 1976–77.
Потоа дојде човекот што засекогаш ќе ја промени сликата на клубот, Малком Алисoн.

Во 1973 година тој го замени нежниот прекар “Стакларите” со нешто помоќно – “Орлите”, и ги претвори дресовите во црвено-сини вертикални линии, инспирирани од Барселона. Тоа бил храбар потег, иако традиционалистите негодуваа, а Палас никогаш повеќе не беше ист. Алисoн ја замени скромноста со амбиција. “Орлите” полетаа високо во 70-тите, а нивниот дрес со дијагонална црвено-сина лента стана легендарен.
Денес, грбот го кажува сето тоа: орелот, кој стои на топка, а зад него силуетата на оригиналната стаклена палата што ги отсликува корените и преродбата во едно.


Палата што никогаш не паднала
Дебатите продолжуваат и денес. Дали Кристал Палас навистина е основан во 1861 година? Или во 1905? Но, дали тоа воопшто е важно?
Сигурно е само едно, малку клубови го носат товарот и убавината на историјата во своето име како што тоа го прави Палас. Клуб роден од викторијанска генијалност, кален низ војни, прероден во борбениот дух на јужен Лондон.
Од блескавите стаклени сали на Сиденхам до громогласните трибини на “Селхарст Парк”, Кристал Палас секогаш значел едно: издржливост. Тим што можеби ќе напука, но никогаш нема да се скрши.

Ако ви се допадна оваа приказна, прочитајте ги и останатите статии од серијалот:



