Гостински блог пост. Автор: Бојан Тодевски
Ете, се случи – го завршив мојот прв Ironman триатлон на трката Triman 226 во Катерини, Грција, на 28 септември 2025 година. Настанот опфаќа 3.8 км пливање, 180 км велосипед и 42.2 км маратонско трчање, изведени едно по друго.
Додека тренирав за оваа трка, а и претходно, сум добивал разни коментари и прашања од мои пријатели, меѓутоа највеќе во сеќавање ми остана прашањето: Дали вреди? Овој текст ќе го искористам како одговор на тоа прашање, преплетено низ една хронологија на настани, која кулминираше со оваа трка.

Првиот триатлон
Сè започна во мај 2016, кога го завршив првиот спринт триатлон. Беше организиран од моите пријатели и поранешни колеги од Нетцетера за вработените на оваа компанија. Во трката, пливавме 750 метри во базенот во Карпош, потоа возевме велосипед 20 км и трчавме 5 км на кејот на реката Вардар. Колегите што не учествуваа во трката, волонтираа и беа вклучени во организацијата на настанот.
Во тој период првпат се запознав со триатлонот и тоа беше љубов на прв поглед. Ме привлече комплексноста на спортот кој бара подготвеност во три различни дисциплини, секоја со свој ефект врз различни делови од телото, како и потребата од паметно распределување на интензитетот за време на тренинзите и самите трки.
Дотогаш, имав искуство со трчање, но сега станав љубопитен и кон велосипедизмот и пливањето. Од трите дисциплини, пливањето е најтехничкиот спорт, па затоа почнав да работам со тренери за пливање, чијшто совет внимателно го слушав.
За мене, триатлонот, оттогаш стана најважната споредна работа на светот. Ете колку еден навидум наивен настан може да промени нечиј живот.
Во 2016 и 2017 година ги истрчав моите два маратони, по што направив целосна транзиција кон триатлонот. Учествував на спринт триатлони во Македонија, па два Олимписки триатлони, па следуваа осум завршени Полудистанци Ironman надвор од Македонија. Бев и третопласиран на првото – и засега единствено – македонско државно првенство во триатлон на Полудистанца, одржано во 2022 година во Подгорица. Но сè уште стоеше на листата – Ironman триатлонот.

Систематичен пристап кон тренингот
Поминаа неколку години во кои редовно тренирав и подеднакво обрнував внимание на трите дисциплини. Веќе имав и структурен пристап кон триатлонот, кој вклучуваше периодизиран пристап на тренинг во различни периоди од годината. Воведов и вежби за мобилност и сила, кои требаше дополнително да ми го подготват телото за подолг физички напор. Имав солидни времиња на полудистанците и можам слободно да кажам дека физички бев подготвен за најдолгата дистанца веќе две години по ред, но искрено – ми беше страв да се пријавам на таква трка.
Претренираност
Причината за страв од Ironman трката беше непознатата територија во која требаше да стапнам. Мислев дека стравот ќе го надминам со уште повеќе тренинг. Тоа роди блага форма на себичност, која кулминираше со претренираност.
По секоја цена тренирав, а од друга страна беа работните обврски, а секако и фамилијата. Меѓутоа, од сила убавина не бива, па едноставно колабирав дома едно утро кога станав. Следеа медицински прегледи, па и пауза. Но стравот дека ова може повторно да се случи остана во тој период. Таа случка ме освести да го сменам пристапот кон тренингот, а и надвор од тренингот.

Истрајност
Намалив некој час од неделниот волумен на тренинг од една страна, но од друга страна се посветив на едукација преку подкасти и книги, на тема тренинг, триатлон, опоравок и слично. Воведов и вежби за дишење, кои вклучуваат испуштање и задржување на здивот.
Моите принципи на тренирање се едноставни и досадни, а тоа е да бидам активен секој ден, без разлика на локацијата и временските услови, во текот на целата година – за несвесно да се подобрувам во она што го правам и го сакам. Но, од друга страна, да не се оптоварувам дека дека морам да направам тренинг по секоја цена. Целта е да немам изненадни скокови на нагло зголемување на волуменот и интензитетот и спротивно. Значи да одам по една линија, која навидум е рамна.
Тој пристап, освен на тренинзите, се рефлектира и во секојдневието и во социјалниот живот. Пристап кој води кон подобри организациски вештини и менаџирање на време, кои можат да се рефлектираат позитивно и на работните ангажмани. Пристап кој води кон волја и проактивност.
Секој ден, направи нешто. Направи барем една работна обврска, прочитај или слушни барем некој добар совет на тема спорт, направи некоја вежба за дишење, земи барем едно овошје и зеленчук. Одбери градски велосипед наместо автомобил, краток тренинг за сила наместо чаршиски муабети, практикување наместо гледање спорт, рано легнување наместо гледање телевизија и дружба со пријатели што вреди. Но кога одмараш – одмарај.
Тоа е мојата дефиниција на endurance, т.е. издржливост, трпеливост и истрајност да продолжиш да правиш досадни нешта без силување. Ако напишам една песна на оваа тема – би сакал да се вика: „Нежна сила“.

Првиот Ironman
Принципите на тренирање станаа јасни и бистри како солза, но сепак, дали сега сум спремен да стапнам во непознатата територија – Ironman?
Работите треба да си дојдат сами по себе доколку се фокусираме на процесот, а не само на трката. Природно дојде и се пријавив на трката.
Од друга страна, ретроактивно, имав и од кого да научам што значи железна волја. Тоа е мојата мајка, Гордана Тодевска, железната жена, што ми покажа на дело што значи борбеност и истрајност. Оваа трка ја посветувам на мама. Ти благодарам.
Мојата цел беше едноставна – да го завршам првиот Ironman тивко и без голема најава, следејќи ја онаа „рамна линија“ што ја споменав претходно. Тоа и се случи. Тргнав резервирано, останав фокусиран и без значајни кризи во текот на целата трка – освен што последните километри од трчањето беа малку мачни. Трката ја завршив за 11 часа и 27 минути. Доказ дека можам да терам долго, а колку долго – нека покаже времето.
Па дали вредеше да завршам Ironman триатлон? Или, можеби подобро прашање би било: „Вредеше ли процесот што ме доведе до таму?“ Одговорот е да.



