ОСВРТ: Лицемерието на Шкендија, од пештерски национализам до глумење жртва, дали македонскиот фудбал може без нив? И те како може!

 

Објавено:

Поминаа само 24 часа откако Дисциплинската комисија при ФФМ ги изрече ригорозните, но апсолутно заслужени казни за ФК Шкендија, а од Тетово веќе пристигна одговор. Наместо извинување, наведната глава и преземање одговорност за незапаметениот срам кој го приредија на финалето од Купот на Македонија, раководството на Шкендија објави официјално соопштение во кое се заканува со повлекување од македонскиот фудбал доколку ФФМ не ја повлече „скандалозната одлука“.

Ова што го прави Шкендија е надвор од секој здрав разум. Тоа е класична замена на тези, каде што агресорот се обидува да се претстави како жртва на некаков замислен системски прогон.

Што даде Шкендија за Македонија, а што даде Македонија за Шкендија?

Во своето соопштение, спонзорот на клубот гордо истакнува дека Шкендија е еден од ретките клубови кои функционираат професионално, дека нивните настапи во Европа го кренале коефициентот на лигата и дека благодарение на нив, македонскиот фудбал ќе има место плус во еврокуповите.

Да, точно е. Браво за нивниот европски успех ланската сезона, за кој патем, инкасираа убедливо најголема финансиска добивка од УЕФА што еден македонски клуб некогаш ја добил. Но, дали тие се прашаа што даде македонскиот фудбал за нив? Им даде платформа, лига, инфраструктура и шанса воопшто да излезат во таа Европа претставувајќи ја Македонија!

А како тие враќаат? Со транспаренти со нацистичка содржина, со шовинистички и националистички скандирања, со флагрантно исвиркување на државната химна под чие знаме се натпреваруваат во Европа и со понижување на институциите одбивајќи да примат медали. Има ли поголем парадокс од тоа еден клуб да игра во Првата македонска лига, а на нивните официјални канали да нема ниту еден единствен ред текст напишан на македонски јазик?

Оставете ја политиката на страна! Вие сте македонски клуб. Оградете се од хулиганите доколку навистина сакате да покажете дека сте сериозна спортска институција, а не продолжена рака на мрачни политички игри. Овој начин на пештерско однесување не води никаде. Впрочем, чаршиските муабети сè погласно говорат дека со ваквиот радикален наратив, дури и вистинските спортски работници во Албанија и луѓето во таа држава воопшто се оградуваат од нивниот начин на функционирање.

Уцена со повлекување од лигата: Пат со здравје!

„Клубот ја разгледува опцијата за повлекување од фудбалот во Северна Македонија…“ стои во нивната закана доколку ФФМ не попушти.

Дали македонскиот фудбал може без Шкендија? И те како се може! Не само што се може, туку ако ова е цената, изгледа и дека треба без нив. Еден спортски систем не смее да биде заложник на ниту еден клуб, колку и да е тој финансиски моќен.

Кога можеше еден Вардар, најголемиот македонски бренд да игра во Втора лига и да се бори за гол опстанок, кога може еден Пелистер наредната сезона да игра во Втора лига, кога светски гиганти како Јувентус и Бока Јуниорс преживеаја играње во понизок ранг поради скандали… може и Шкендија (или поранешната Искра од Тетово) воопшто да не постои во професионалниот фудбал доколку продолжи да се води на овој анти-спортски начин. За ваквите прекршоци (нацизам, национализам, непочитување на државни симболи), во било која сериозна европска држава казната од ФФМ ќе се сметаше за преблага, а клубот ќе беше експресно исфрлен во најнизок ранг на неколку години.

Лекција по созревање: Разликата помеѓу спортска прослава и омраза

За крај, вреди да се направи една паралела. Пред само неколку недели, Вардар славеше шампионска титула среде Скопје. Натпреварот во последното коло се играше токму против Шкендија. На стадионот немаше НИТУ ЕДЕН шовинистички, расистички или навредувачки скандал од трибините од толку оцрнуваните „Комити“ во јавноста. Немаше омраза кон противникот! Имаше само славје за својот клуб.

Навивачките групи почнаа да созреваат. Комитите покажаа како се сака својот клуб без да се гази по туѓиот идентитет. Време е целата држава, а особено раководството на Шкендија, да почне да созрева.

Овој текст е отворен апел до Фудбалската федерација на Македонија и до сите државни институции! Немојте да подлегнувате на евтини уцени и политички притисоци! Ова веќе не е само фудбалско прашање, ова прераснува во прашање од државен интерес. Ако Шкендија продолжи со овие закани, институциите мора да преземат уште поригорозни мерки во рамките на законите и статутот.

Македонскиот спорт мора да се исчисти од политичките уцени. ДОСТА Е!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено