Германскиот гигант Ауди и официјално ја започна својата нова ера под името Audi Revolut F1 Team. На спектакуларен настан во срцето на Берлин, во историската електрана „Kraftwerk“, Ауди го откри својот прв Формула 1 болид – R26. Со овој потег, „четирите прстени“ јасно ставија до знаење дека не доаѓаат само да учествуваат, туку да доминираат.
Болидот изгледа агресивно и моќно, со впечатлива комбинација на титаниум сребрена, изложен карбон и „Lava Red“ црвена боја, а под хаубата се наоѓа нивната прва, целосно сопствена погонска единица.

„Не сме тука за да си играме“
Првиот човек на Ауди, Гернот Долнер, беше краток и јасен: Ауди има план да се бори за светската титула до 2030 година.
„Ова не е само лансирање на болид, туку јавна декларација за нова ера. Формула 1 е најпредизвикувачката сцена во светот на мотоспортот, а нашата филозофија е апсолутна, долгорочна посветеност“, истакна Долнер.
Проектот го водат две добро познати имиња: Матија Биното (поранешен шеф на Ferrari) и Џонатан Витли (кој дојде од Red Bull). Нивната задача е да го претворат Хинвил во победничка машина под новото партнерство со финтек гигантот Револт.
Искуство и младост: Хулкенберг и Бортолето се подготвени
Ауди ќе дебитира во Австралија со веќе воигран тандем. Нико Хулкенберг, кој минатата сезона (2025) конечно го освои својот прв подиум во кариерата, ќе биде лидерот на тимот. До него ќе биде младиот Бразилец Габриел Бортолето, кој во својата дебитантска сезона покажа сериозен потенцијал со неколку пласмани во поени.
„Како возач, можноста да бидеш со Ауди на самиот почеток е неверојатно возбудлива. Имаме шанса да изградиме нешто посебно заедно“, изјави популарниот „Хулк“.

Ауди веќе го „тестираше“ болидот на приватен ден за снимање во Барселона, а следната недела сите 11 тимови се селат токму таму на официјалните тестирања пред почетокот на сезоната во Мелбурн.



