Трол Станица: ВАР е за некого мајка, а за некого СОПРУГА со кујнски нож 🤣

 

Објавено:

Неодамна пишувавме за тоа како ВАР технологијата ја убива душата на фудбалот. Емоциите исчезнуваат, радоста се става „на чекање“, а навивачите сè повеќе се нервираат гледајќи во екраните.

Но, изгледа дека ВАР не уништува само фудбалски натпревари. А според вестите што доаѓаат од Италија, оваа технологија почна да уништува и бракови… и тоа на многу, многу бизарен начин.

Фудбал, фрустрација и „изгубено во преводот“

Сцената е следна: Обична недела во Неапол, поточно во населбата Каподимонте. На телевизија оди натпреварот помеѓу Аталанта и Наполи. Домаќинот, 40-годишен страствен навивач на Наполи, ужива пред екранот. Неговата 35-годишна сопруга е некаде во позадина.

Натпреварот е тензичен, Наполи губи (на крајот изгуби со 2-1). Во еден момент, судијата досудува пенал за Наполи! Радост во дневната соба! Но, чекајте… судијата добива повик од ВАР собата. Оди до мониторот, гледа, и – го поништува пеналот.

Од пцовки за судијата до ножеви во ѕидот

Она што следи е класична навивачка реакција. Нашиот главен лик, фрустриран од ВАР одлуката, почнува да „реди“ сочни италијански пцовки кон телевизорот. Врти, сучи, пцуе по сè што е живо и диво во фудбалот.

Е тука настанува трагичниот пресврт. Неговата сопруга, слушајќи го викањето од другата соба, била убедена дека сите тие креативни навреди се упатени кон неа. (Којзнае, можеби ВАР судијата ја потсетил на неа?).

Како што пренесуваат италијанските медиуми, жената влетала во дневната соба и му порачала: „Или ќе излезеш од дома, или ќе те избодам!“

Човекот, кој веројатно уште се обидувал да разбере зошто пеналот е поништен, нормално – одбил да излезе.

Реакција побрза од ВАР проверката

Пред воопшто да стигне да објасни дека пцуе по Даниеле Чифи (судијата), а не по неа, сопругата преминала од зборови на дела. Прво кон него летнале ножици, но за среќа, промашила.

Тогаш работите ескалирале побрзо од контра-напад на Аталанта. Жената отишла во кујната, земала нож и успеала да го прободе во левата страна од телото. Додека крвавиот и шокиран маж се обидувал да се јави на брза помош и полиција, таа не застанала. Почнала да фрла уште ножеви по него, од кои еден завршил забиен во ѕидот од дневната соба!

Епилог: Еден во болница, друг во затвор, а Наполи без бодови

Кога полицијата конечно пристигнала на боиштето (извинете, во дневната соба), го нашле ножот во ѕидот и ја уапсиле разбеснетата сопруга. Како бонус, во нејзината чанта пронашле уште три сечила, вклучувајќи и нож за отворање остриги (за секој случај).

Мажот веднаш бил пренесен во болница. За среќа, лекарите потврдиле дека е надвор од животна опасност, но истакнале дека брзата реакција била клучна. Сопругата е во притвор и се соочува со обвиненија за семејно насилство и напад со тешки телесни повреди.

Што да се каже за крај? На Твитер веќе кружи коментар: “ВАР не ја уништува само убавата игра, ги уништува и браковите.”

Следниот пат кога ќе пцуете по судиите, осигурајте се дека сопругата знае за кого се однесуваат зборовите. И за секој случај, тргнете ги острите предмети од масата пред почетокот на натпреварот.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено