Многумина ја нарекуваат „Суперлига во мало“ поради бројноста на англиските клубови во елитата, но првите два дена од нокаут-фазата во Лигата на шампионите беа вистински кошмар за англиските претставници. Премиерлигашите, кои важат за главни фаворити поради огромните буџети, доживеаја серија понижувања кои ретко кој можеше да ги предвиди.
Англичаните, кои често велат дека ја имаат најсилната лига во светот, додека со потсмев ги нарекуваат другите лиги „фармерски“ или „аматерски“, сега некако замолкнаа пред настапот на нивните клубови на стартот од нокаут-фазата.

Арсенал се спаси со „измислен“ пенал
Топчиите одиграа само 1-1 со Баер Леверкузен, но резултатот е во втор план по скандалозната завршница. Кога сите чекаа пораз на тимот на Артета, судијата во 89-та минута досуди непостоечки пенал кој едноставно не смееше да се случи на ова ниво. Среќа за Арсенал, но горчлив вкус за фудбалот.
Ливерпул повторно „налета“ на Галатасарај
Ако еднаш е случајност, двапати веќе е традиција. Ливерпул повторно загуби со 1-0 од турскиот гигант Галатасарај, кој оваа сезона стана вистинска „црна мачка“ за тимот од Мерсисајд. Момците на Слот изгледаа безидејно против цврстата одбрана во Истанбул.
Реал Мадрид го одржа својот „час по фудбал“ за Сити
Големото ривалство во ЛШ доби нова епизода, но овојпат Сити помина како „бос по трње“. Пораз од 3-0 на „Бернабеу“ е болен удар за Гвардиола, кој едноставно немаше одговор за хет-трикот на Валверде.
Лондонски дебакл: Челси и Тотенхем примија „петарди“
Челси и ПСЖ ја репризираа пресметката од финалето на Светското клупско првенство, но овојпат исходот беше катастрофален за тимот на Лиам Росениор – пораз од 5-2. Иста судбина доживеа и Тотенхем, кој беше „распарчен“ од Атлетико Мадрид со истите 5-2. Премногу лесно примени голови за екипи со такви амбиции.
Њукасл – единствените кои не заслужија да останат со празни раце?
На списокот мора да го додадеме и Њукасл Јунајтед. „Страчките“ беа можеби единствениот англиски тим кој навистина не заслужуваше да извлече само реми против Барселона на „Сент Џејмс Парк“. Иронијата да биде поголема, и овде судиите беа во центарот на вниманието, а на Барса и беше доделен пенал во финишот на натпреварот за да стигне до израмнување.
Дали е ова само лош почеток или Премиер лигата полека го губи приматот во Европа? Реваншите ќе го дадат одговорот.



