Откако попладнево ги дознавме противниците во Групата 8 за квалификациите за Европското првенство 2028 година (Шведска, Грција и Луксембург), Европската ракометна федерација (ЕХФ) експресно го објави и точниот распоред на натпреварите.
Избраниците на Кирил Лазаров добија поволен календар. Квалификациите ќе ги отвориме и затвориме на домашен терен.
Мисијата кон Шпанија, Португалија и Швајцарија започнува во ноември оваа година, кога во првото коло во Скопје го пречекуваме аутсајдерот Луксембург. Веднаш потоа, во истото репрезентативно „прозорче“, следува првиот голем тест и балканско дерби на гостински терен кај јужниот сосед, Грција.
Март 2027 година е резервиран за двомечот со апсолутниот фаворит во групата, Шведска, додека финишот на квалификациите ќе се одигра во мај 2027. Најпрво ќе гостуваме во Луксембург, а за крај нè очекува вистински спектакл на домашен терен против Грција – натпревар на кој се надеваме дека ќе го прославиме новиот пласман на континенталниот собир!
Комплетен распоред на Македонија за ЕП 2028:
- 1. коло (5/6 ноември 2026): Македонија – Луксембург
- 2. коло (8/9 ноември 2026): Грција – Македонија
- 3. коло (10/11 март 2027): Македонија – Шведска
- 4. коло (13/14 март 2027): Шведска – Македонија
- 5. коло (5/6 мај 2027): Луксембург – Македонија
- 6. коло (9 мај 2027): Македонија – Грција
За потсетување, пласман на ЕП 2028 ќе обезбедат првите две репрезентации од сите групи, како и четирите најдобри третопласирани селекции.



