Димарко: „Не сум арогантен, како може Италија да потцени некого по 12 години пост?“

 

Објавено:

Левиот бек на италијанската репрезентација, Федерико Димарко, се најде во центарот на неочекуван скандал пред одлучувачкиот бараж-меч за пласман на Светското првенство против Босна и Херцеговина. По победата над Северна Ирска, во јавноста протече видео на кое Димарко и голманот Викарио бурно слават откако БиХ го елиминираше Велс на пенали.

Многумина во Босна, но и во светските медиуми, ова го протлкуваа како потценување на противникот, сметајќи дека Италијанците „се израдувале“ што ќе играат со 66-та репрезентација на ФИФА листата наместо со Велс. Сепак, Димарко на денешната прес-конференција реши да стави крај на шпекулациите.

„Реакцијата беше инстинктивна, а не политичка“

Димарко појасни дека неговата радост не била насочена против БиХ, туку дека станувало збор за емотивен момент додека ги гледал пеналите со соиграчите и семејството.

„Јас го почитувам секој клуб и секоја држава. Тоа беше инстинктивна реакција. Ме обвинија за ароганција, но со кое право би бил арогантен кога Италија нема играно на Мундијал од 2014 година? Едноставно ги гледав пеналите и се радував на расплетот“, изјави фудбалерот на Интер.

Порака до Един Џеко

Димарко откри дека е во постојан контакт со капитенот на Босна, Един Џеко, со кого помина две успешни години во Милано.

„Џеко е мој пријател. Му пишав порака веднаш по нивната победа, тој ми одговори и среќен сум што ќе го видам во финалето. Нема никаков недостаток на почит кон босанскиот народ. Она што навистина не беше во ред е што некој не снимаше во приватен контекст каде беа присутни и нашите деца“, додаде Димарко.

Зеница – последната пречка за Гатузо

Тимот на Џенаро Гатузо во вторник патува за Зеница, каде на „Билино Поље“ ќе се обиде да го прекине 12-годишното мундијалско проклетство. Последната средба меѓу овие два тима беше пријателскиот натпревар во јуни 2024 година, кога Италија славеше со минимални 1-0.

Притисокот е на страната на Италија, но Димарко и соиграчите се свесни дека во „котелот“ во Зеница, рангирањето на ФИФА не значи ништо.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено