(Видео) Лазаревски и Јагуриноски по Куп-финалето: Вардар ја слави 18. титула, Охрид жали за пропуштената шанса!

 

Објавено:

По спектакуларното финале во Купот на Македонија, во кое РК Вардар 1961 славеше против ГРК Охрид со 24:23, емоциите беа измешани. Додека „црвено-црните“ ја славеа својата 18-та титула во ова натпреварување, охриѓани со кренати глави, но и со жалење, се осврнаа на пропуштената шанса.

Изјави по натпреварот дадоа ракометарите Милан Лазаревски (РК Вардар 1961) и Томислав Јагуриновски (ГРК Охрид), кои го изнесоа своето видување за финалниот судир.

Лазаревски: „Охрид е сериозен проект, но ние сме најквалитетната екипа во Македонија!“

Милан Лазаревски од РК Вардар 1961 упати честитки до двете екипи, нагласувајќи го квалитетот на противникот, но и потврдувајќи ја амбицијата на Вардар за двојна круна оваа сезона.

„Најпрво би сакал да им честитам на двете екипи на фер и коректната игра. Сакам да им честитам на моите дечки, навистина мислам дека се покажавме во најдобро светло на овој Ф4 турнир. Одигравме навистина борбено и со големо срце и го освоивме пехарот,“ изјави Лазаревски, додавајќи:

„Честитки и за Охрид. На сите ни е добро познато дека тоа е сериозен нов проект кој има сериозни инвестиции, со сериозна амбиција што се однесува на играта на самиот натпревар. Ништо од тоа што тие го изиграа не беше необично за нас, ги анализиравме и ги предвидивме. Мислам дека едноставно голманот нивен имаше навистина свој ден и тој донесе ваков тесен исход на крајот од утакмицата. Мислам дека во други услови би било поубедливо за нас, но како и да е, сепак станува збор за многу квалитетен противник, но на крајот на денот ние сме најквалитетната екипа во Македонија. Тоа ќе го потврдиме со двојна круна оваа сезона. Честитам што сум дел од овој тим, честитки за сите мои колеги, честитки за стручниот штаб и за целиот клуб и навистина сум задоволен како се заврши овој Куп на Македонија.“

Јагуриновски: „Можеби повеќе го сакавме трофејот, но грешките нè чинеа победа“

Томислав Јагуриновски од ГРК Охрид чесно го призна поразот, посочувајќи дека грешките во нападот и промашените удари биле пресудни за исходот на натпреварот.

„Сакам да им честитам на екипата на Вардар на освоениот Куп. Мислам дека ние можеби повеќе го сакавме овој трофеј од нив, но сепак со доста наши грешки во нападот, да кажам, со доста промашени шутеви и овој последен напад, мислам дека и донекаде и заслужено го освоија овој трофеј тие,“ изјави Јагуриноски.

Вардар покажа шампионски менталитет, додека Охрид, и покрај поразот, докажа дека е екипа која ќе има значајна улога во македонскиот ракомет во иднина.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено