Кога замина големиот Васил Рингов, фудбалската јавност не изгуби само играч, туку симбол на едно златно време. Денес, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар го направи првиот официјален чекор кон овековечување на неговото име. Клубот поднесе официјална иницијатива до Владата и релевантните спортски и државни институции, Јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ официјално да го носи името „Васил Рингов“.

Ова барање, најавено уште на декемвриската комеморација на легендата, сега добива формално-правна форма. Клубот нагласува дека именувањето на култната трибина ќе има трајна симболика и ќе претставува инспирација за идните генерации македонски спортисти.
Зошто токму Јужната трибина?
Одговорот на ова прашање е една од најубавите анегдоти во македонскиот фудбал. Како што откри неговиот поранешен соиграч и тренер Ѓоре Јовановски, Рингов имал посебен ритуал пред секој натпревар:
„Никогаш нема да заборавам кога пред натпревар ќе отидеше до капитенот Кочо Димитровски и ќе му речеше: ‘Те молам, одбери ја јужната страна’. Сите знаевме зошто, таму секогаш имаше сенка, а Васил не сакаше да игра на сонце. Тој беше оригинален.“
Наследството на мајсторот со број 11
Рингов ги помина најубавите години од својата кариера токму на „Градски“. За Вардар одигра над 200 натпревари и постигна 97 голови, воспоставувајќи се како еден од најдобрите стрелци и лидери во историјата на клубот. Тој беше и дел од шампионската генерација (1986/87), а со Дарко Панчев формираа напаѓачко дуо кое сееше страв низ цела Југославија. Неговата величина ја потврди и легендарниот тренер Андон Дончевски, кој Рингов го нарече „лидер кој го презеде товарот и го врати Вардар таму каде што припаѓа“.
Во чест на неговото огромно влијание, ФК Вардар веќе го повлече дресот со број 11, а доколку иницијативата за трибината биде прифатена, ќе имаме уште еден прекрасен споменик за мајсторот од Струмица.
Време е легендата да добие споменик каков што заслужува!



