Македонскиот ракомет е пред нов голем успех, откако вечерва со почеток во 19:00 часот во СРЦ „Билјанини Извори“, ГРК Охрид го пречекува словенечкиот гигант Целје Пивоварна Лашко во реванш натпреварот од полуфиналето во ЕХФ Европскиот Куп.
Охриѓани на домашен терен ќе бркаат негатива од само еден гол (27-26) од првиот натпревар во Словенија, резултат кој широко ги отвора вратите кон историско европско финале за клубот.
Одлична енергија и фокус пред најважните 60 минути
Како што веќе објавивме во нашата претходна анализа за првиот натпревар во Словенија, и покрај големите осцилации во играта и негативата од седум гола во текот на вториот дел, „Гладијаторите“ покажаа неверојатен карактер. Тие успеаја да се вратат во игра и да донесат активен резултат пред своите навивачи.
Екипата е максимално подготвена, а играчите не го кријат нетрпението. Анте Иванковиќ потенцира дека имаат добра енергија и дека сите едвај чекаат да излезат на паркетот. „Сакаме да сработиме најдобро што можеме и да пренесеме дел од замислите на мечот. Треба сите да одиграме максимално фокусирано и заедно со нашата публика да дојдеме до резултат што ќе ни го трасира патот кон финалето“, изјави Иванковиќ.
И тренерот Борис Ројевиќ ја истакна важноста на домашниот терен: „Подготвени сме да дадеме максимум. Веруваме дека заедно со публиката, чија енергија ни е многу потребна, можеме да ја анулираме предноста на противникот“.
Охрид живее за ракометот: Фан-зона пред салата и распродадени билети
Како што Спортска Станица и предложи по натпреварот во Словенија, управата на клубот организира вистински ракометен празник. Од 16:30 часот пред салата ќе биде отворена „фан-зона“ со „фан-шоп“ каде навивачите ќе можат да набават клупски реквизити и соодветно да се загреат пред големиот натпревар.
Билетите за спектаклот се одамна распродадени, па Целје Пивоварна Лашко дефинитивно ги очекува пеколна атмосфера. Победникот од овој двомеч во финалето ќе се соочи со унгарска Татабања. Дали Охрид ќе го наследи Алкалоид како освојувач на овој европски трофеј? Дознаваме вечерва!



