ОСВРТ: Отровната прегратка на политиката и зошто македонскиот спорт мора да се врати на вистинските вредности

 

Објавено:

Сликата од последното финале во Купот на Македонија е најсуровата и најточната дијагноза за мизеријата во која е западнат македонскиот фудбал. Празните трибини на нашиот најголем стадион сведочеа на една тажна, мачна претстава. Исвиркана државна химна, а како „цреша на тортата“ на целата оваа неспортска агонија, скандалозното одбивање на фудбалерите на Шкендија да ги примат сребрените медали, проследено со патетичните изговори и оправдувања на нивниот стручен штаб.

Ова не е спорт. Ова е пораз на секоја човечка доблест и етички кодекс.

Но, овој настан не е изолиран инцидент. Тој е само последната капка во преполната чаша на еден систем кој гние одвнатре, разорен од една невидлива, но добро позната болест. Затоа, овој текст е отворен и искрен апел до сите клубови, до сите вистински спортски работници, до навивачите и вљубениците во играта. Апел до самиот спорт во Македонија => Бегајте од политиката!

Илузијата на политичкиот „спас“

Навидум, политиката доаѓа како спасител. Таа влегува во клубовите ветувајќи моќ, пари, влијание и брзи резултати. На почетокот сè изгледа розово и оптимистично. Но, реалноста и вистината се дијаметрално спротивни, политиката во спортот всушност само зема, зема, и зема и пустоши.

Искреираниот и инстант успех кој таа го „дава“ денес, утре го наплаќа десет, па и стократно поскапо. Штом политиката ќе пушти корени во еден спортски колектив, вистинскиот спортски интерес умира. Таа е трула во својата основа кога станува збор за спортските вредности, бидејќи ја води исклучиво личниот и политичкиот интерес. Ништо повеќе.

Затруеното поле и жртвите кои остануваат

Политиката не го сака спортот. Не ги сака спортистите, ниту пак вистинските навивачи кои со децении живеат за боите на својот клуб. За неа, сите тие се само бројка, алатка за дневно-политички поени и профит. А кога тој интерес ќе згасне и кога политиката ќе си замине, зад себе не остава шампиони. Остава радиоактивен пустош. Остава уништени клубови, поделени градови, затруено бојно поле на кое лежат безброј спортски жртви, изгубени генерации на таленти и разочарани фанови.

Го видовме тоа низ годините, го гледаме тоа и денес низ апсурдните циркуси, поделбите, лицемерието и евтините скандали кај нашите најголеми спортски брендови.

Враќање кон изворните вредности: Без политика се МОРА!

Мораме гласно да изговориме! Без политика во спортот не само што се може, туку без политика во спортот се МОРА!!!

Вистинското, чисто работење, водено од искрени спортски аспирации е она што го прави спортот величествен. Спортот е љубов. Спортот е градење на трајни вредности и цврсти постулати кои ќе ги водат спортистите и клубовите напред. Но, најважно од сè, спортот постои за најмладите. За оние деца кои гледаат кон терените со искји во очите, барајќи идоли, фер-плеј и инспирација. За нив работиме, за нив живееме.

Ако не го исчистиме спортот од отровот на политиката и некултурата денес, утре нема да имаме што да им оставиме во наследство. Време е да се разбудиме.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено