„Болен сум по тактика“: Кристијан Фабиани е новиот тренер на Вардар!

 

Објавено:

По освојувањето на шампионската титула, ФК Вардар врти нов лист. Досегашниот кормилар Гоце Седлоски целосно ѝ се посветува на македонската репрезентација, а диригентската палка во најтрофејниот македонски клуб ја презема темпераментниот Аргентинец, Кристијан Фабиани.

Откако уште во март се појавија првите „чаршиски муабети“ за неговото доаѓање, 42-годишниот стратег сега и официјално беше промовиран во црвено-црното семејство.

Аргентинска страст и тотална офанзива

Фабиани, кој зад себе има сериозна играчка кариера во Ривер Плејт, Њуелс Олд Бојс и Ланус, во своето прво интервју за македонските медиуми најави модерен и агресивен фудбал. Неговата фудбалска филозофија е јасна, ред, дисциплина и напад.

„Ако говориме за тактиката, јас сум еден тренер кој на некој начин е болен за тактиката. Сакам ред, работа и дисциплина. Овде сите ќе играме напаѓачи и ќе напаѓаме за голови ако сакате! Очекувајте еден Вардар кој ќе изгледа офанзивно,“ изјави новиот стратег на вардарци.

Уште во април, за време на малата градска пресметка кога Вардар убедливо славеше со 5:1 над Македонија ЃП, Фабиани беше присутен во ВИП-ложата на Националната арена, каде имаше можност да го проследи брилијантното шоу на својот сонародник Хоакин Торес.

Зошто Македонија? Совет од Марсело Биелса

Иако имал понуди да ја преземе репрезентацијата на Никарагва, како и неколку клубови од Јужна Америка, Фабиани се одлучил за предизвикот во Европа. Пред да потпише со Вардар, тој се консултирал со легендарниот Марсело Биелса, кој му потврдил дека ова е вистинскиот чекор за неговата кариера. Дополнителен мотив за Аргентинецот е и безбедноста и слободата која ја нуди животот во Македонија во споредба со Јужна Америка.

Познат под прекарот „Ел Огре“ (Шрек), кој го добил во Чиле откако прославил гол со маска од популарниот цртан лик, Фабиани веќе ја почувствува моќта на вардаровите навивачи.

„Најголем клуб, најубав стадион, најдобра навивачка група во државата. Ги видов „Комити“, ја почувствував енергијата. Верувам дека тие ќе ни бидат од голема помош и ќе бидат náш ветер во грбот,“ порача Аргентинецот.

Вардар со Фабиани започнува со подготовките на почетокот на јуни, кога екипата ќе се фокусира на одбрана на домашните трофеи и напад на групна фаза во европските натпреварувања.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено