Остар одговор од Куќата на фудбалот. Уцените од Тетово нема да поминат!

 

Објавено:

Откако пред само неколку часа, Спортска Станица во својот авторски осврт апелираше до институциите да не подлегнуваат на евтини уцени и политички притисоци, штотуку пристигна силен и недвосмислен одговор од Куќата на фудбалот.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) експресно ги отфрли сите обиди за манипулација од страна на раководството на ФК Шкендија, порачувајќи дека времето на привилегии и закани со повлекување е трајно завршено.

„Големината не се докажува со уцени на полноќ“

Во официјалното соопштение на ФФМ, Федерацијата со жалење констатира дека тетовскиот клуб, наместо да преземе одговорност за инцидентите во финалето на Купот, се обидува да го пренасочи вниманието кон дисциплинските органи.

„Никакви уцени, притисоци или закани нема да ја поколебаат ФФМ во намерата да стави крај на дивеењето на трибините“, стои во реакцијата, каде што јасно се потенцира дека почитувањето на противникот, законите и државните симболи е обврска за сите.

Од ФФМ потсетуваат дека финансискиот бенефит кој Шкендија го ужива во Европа е директен резултат на учеството во македонскиот фудбалски систем, истиот оној систем кој тетовци сега го оспоруваат само затоа што санкциите не им одговараат.

Ароганцијата како бумеранг и крај на недопирливите

Она што особено одекнува во соопштението е директната порака до спонзорот и раководните структури на клубот, кои според ФФМ, покажале арогантен, самобендисан и потценувачки однос.

„Би било добро да знаат дека ароганцијата понекогаш се враќа како бумеранг. Големината на еден клуб не се докажува со соопштенија, притисоци или повикување на финансиска моќ, туку со одговорност, достоинство и почитување на правилата“, потенцираат од Куќата на фудбалот.

Случајот е прогласен за затворен. Пораката е кристално јасна, во македонскиот фудбал нема недопирливи. Правилата важат за сите еднакво, без исклучок.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено