Хамилтон најбрз на тренинг, Леклер најави пеколно тесни квалификации во Монако!

 

Објавено:

Формула 1 викендот во Монако започна во знакот на најголемите ривали, но и со сериозна доза на претпазливост кај водечките возачи. Луис Хамилтон и Ферари ги диктираа нештата на петочните слободни тренинзи, но домашниот херој Шарл Леклер веднаш ги спушти топките во падокот, најавувајќи дека битката за пол-позицијата меѓу Скудерија, Ред Бул и Мерцедес ќе се решава на буквални стотинки.

Ферари со моќен старт, но кочниците повторно му прават проблеми на Леклер

Италијанскиот тим доминираше на двата тренинга, остварувајќи двојни победи. На првиот тренинг Леклер беше најбрз, додека на вториот позициите се свртеа, па Хамилтон го презеде водството, завршувајќи го денот со само 0,111 секунди предност пред својот тимски колега. Веднаш зад нив, како трета сила, се позиционираше Макс Верстапен во Ред Бул, додека возачите на Мерцедес ги пополнија следните позиции, каде Џорџ Расел беше побрз од лидерот во шампионатот, Кими Антонели. Антонели гласно се жалеше преку радио-врската дека неговиот болид е крајно непредвидлив во вториот сектор, поточно на потегот од Мирабо до Табак.

И покрај одличните времиња на Ферари, Леклер призна дека неговиот болид сè уште боледува од истите дефекти кои го мачеа на претходната трка во Канада.

„Ред Бул и особено Макс беа екстремно блиску до нас на вториот тренинг, па очекувам да бидат моќни. Исто така, Мерцедес ќе биде тука штом ќе склопат сè за квалификациите. Нас ни претстои многу потесна битка отколку што луѓето очекуваат. Веќе два викенди по ред се мачам со кочниците и сè уште немаме пронајдено решение. Поради тоа на вториот тренинг ја загубив самодовербата во болидот и почнав да правам повеќе грешки“, искрен е Леклер.

Колапс за Мекларен и запалени кочници за Кадилак

Додека водечкото трио се подготвува за војна, тимот на Мекларен имаше ден за заборав. Оскар Пијастри заврши на седмото место, жалејќи се на хроничен недостаток на грип по целата патека, додека неговиот тимски колега и актуелен светски шампион, Ландо Норис, доживеа технички дефект на самиот почеток на тренингот и заврши на поразителното 19-то место.

Исак Хаџар одлично се опорави по излетувањето во бариерите на првиот тренинг кај комплексот „Базен“ и успеа да извлече шестто време за Ред Бул. Нико Хулкенберг и Габриел Бортолето во болидите на Ауди беа „најдобри од останатите“ зад водечката четворка, а Оливер Берман во Хаас го затвори Топ 10 кругот. Вториот тренинг беше прекинат со црвено знаме во самиот финиш, откако Серхио Перез принудно го запре својот Кадилак кај „Казино Сквер“ со предни кочници кои беа комплетно во пламен.

Поради овие технички прекини, тимовите целосно се фокусираа на симулација на брзи кругови за квалификациите, со оглед на тоа што претекнувањето во Монако е речиси невозможно, па фановите останаа без реални параметри за тркачкото темпо на болидите на подолги патеки.

Извор: https://x.com/F1

„Хибридните болиди не треба да се тркаат“: Алонсо со брутален напад кон Ф1!

Вистинска драма на патеката преживеа ветеранот Фернандо Алонсо, кој на првиот тренинг за влакно избегна тежок судир при брзото кочење пред шиканата на пристаништето. Задниот дел на неговиот Астон Мартин буквално „затанцува“ на асфалтот, болидот излезе од контрола, ја скрши десната страна од предното крило, но Шпанецот со нереални рефлекси успеа да го спаси од тотално уништување во ѕидот. Сепак, Астон Мартин имаше катастрофален петок – Алонсо заврши на 20. позиција, а Ланс Строл беше уште побавен, завршувајќи како последен на табелата со 0,880 секунди зад својот тимски колега.

Бесен на перформансите на болидот, 44-годишниот Алонсо, кој дебитираше во Ф1 уште во далечната 2001 година, упати брутални критики кон овогодинешните технички правила и новиот 50-50 сооднос меѓу класичниот мотор и електричната енергија.

„Ова е дефинитивно најлошата генерација на болиди што некогаш сум ги возел во Монако! Начинот на кој батеријата се полни додека кочите или гасите гас создава нереална недоследност кај моторното кочење. Понекогаш имате кочење, а понекогаш болидот едноставно ве турка напред како да сте под полн гас. Ако батеријата е преполна, нема полнење, па нема ниту кочење со моторот. Тоа е лудост. Хибридните болиди воопшто не треба да се тркаат во Формула 1. Едноставно е“, брутално распали Алонсо.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено