ФИФА спрема казни по Мундијалот: На удар Тухел, Аканџи и Египет поради критики кон судиите!

 

Објавено:

Судиските одлуки се главна тема на речиси секој голем натпревар на Светското првенство, а нервозата кај тренерите и играчите го достигнува својот максимум. Но, иако Светската фудбалска куќа (ФИФА) во моментов молчи, зад затворени врати веќе се подготвуваат сериозни санкции за сите оние кои јавно го нарушија угледот на судиската организација.

Според добро упатени извори на реномираниот „The Athletic“, ФИФА намерно чека да заврши турнирот пред да почне со делење на казните. Ваквата практика не е нова, а слична стратегија беше применета и по Мундијалот во Катар пред четири години, кога санкциите беа изречени дури откако се спушти завесата на првенството. Овој пат, на удар ќе се најдат неколку звучни имиња кои не штедеа зборови пред микрофоните.

Египетскиот гнев: „Пехарот е наменет за Аргентина!“

Најжестоките критики досега пристигнаа од таборот на Египет, по нивната елиминација во осминафиналето од Аргентина. Иако имаа предност од 2-0, Египќаните загубија со 2-3, а целата вина ја префрлија врз францускиот судија Франсоа Летексие.

Селекторот Хосам Хасан директно обвини за задкулисни игри: „Бевме подобри во сè, но резултатот беше под влијание на надворешни фактори. Јасно е дека притисокот кој Аргентинците го извршија врз судијата пред мечот успеа. Тие постојано приговараа, ја споменуваа Франција, и очигледно тој притисок го донесе овој исход“.

Уште подиректен беше напаѓачот Мостафа Зико, чија изјава сигурно нема да помине неказнето од ФИФА: „Тој судија го уништи целиот наш труд со своите одлуки. Водевме 2-0 и бевме немоќни, сè останато беше во Божји раце. Судијата реши сè… Пехарот е очигледно насочен кон Аргентина“.

Аканџи и Тухел без влакна на јазикот

На листата за казни сигурно ќе се најде и швајцарскиот дефанзивец Мануел Аканџи, кој исто така експлодираше по четвртфиналниот пораз од „гаучосите“. Тој директно го нападна португалскиот судија Жоао Пињеиро.

„Кога го имате судијата против себе, станува многу тешко. Секоја ситница беше досудена против нас. Секое нивно симулирање и секој прекршок од Аргентинците помина неказнето. Никогаш во кариерата не сум доживеал ваков еднонасочен натпревар“, изјави револтираниот Аканџи.

Од другата страна на ждребот, ниту англискиот селектор Томас Тухел не го поштеди австралискиот судија Алиреза Фагани по победата над Мексико и црвениот картон за Џарел Кванса.

„Не е доволно добро! Тој може да исфрли било кој тим во секој момент. Ова е хаотично и несигурно судење. А тука се и четвртите судии кои буквално ти врескаат ако ставиш една нога надвор од тренерскиот простор“, грмеше Тухел. Во Премиер лигата ваквите коментари веднаш би значеле парична казна и суспензија, но ФИФА очигледно собира докази за големото финале во дисциплинските комисии.

Колина возвраќа на ударот

На сите овие обвинувања, особено на оние дека судиите ја фаворизираат Аргентина, одговори шефот на судиите при ФИФА, легендарниот Пјерлуиџи Колина. Тој застана во одбрана на своите колеги и испрати јасна порака.

„Никој не смее да го доведе во прашање интегритетот на судиите на Светското првенство. Кога се случуваат вакви обвинувања, тие предизвикуваат реакции кои водат до директни закани кон судиите и нивните семејства. Тоа е апсолутно погрешно и неприфатливо“, стои во изјавата на Колина.

Едно е сигурно – штом ќе заврши славјето по финалето, ФИФА ќе почне да дели „жолти и црвени картони“ и надвор од терените.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено