Уште еден спортски викенд е зад нас. И додека во останатите делови од светот и Европа на телевизиските екрани се вртат „хајлајтс“ од најдобрите погодоци, најспектакуларните натпревари и врвните спортски постигнувања, кај нас реалноста удира како студен туш. Како што вели онаа позната, но сè поболна фраза: „Какво е – такво е, наше си е“.
Искрено, станува сè потешко да се пишува за ФК Вардар, за македонскиот фудбал и за спортот воопшто. Се потешко е дури и да се прати, иако навидум фудбалот ни го „доближија“ со емитувањето на Првата македонска фудбалска лига преку франшизата на Арена со македонски коментар, откако со децении спортските фанови беа учени исклучиво на локалните српски, хрватски и босански јазици. За квалитетот на самото коментирање од страна на македонските коментатори, ќе зборуваме во некоја друга прилика. Она што навистина боли е сликата која се испраќа од самите терени.
Дното има нов подрум
Наместо да зборуваме за тактики, голови или млади таленти, „хајлајтот“ на овој викенд ни доаѓа од една фотографија објавена на Фејсбук страницата „Реално Кавадарци“ каде јасно се гледа маж (препознаен од јавноста како извршниот директор на ФК Вардар) како ладнокрвно уринира на ѕидот од трибината, веднаш зад грбот на гледачите на стадионот во Кавадарци.
Долгогодишниот спортски новинар Мијалче Дургутов со горчлив сарказам го сумираше овој момент пишувајќи: „Мочањето на Puraman – поважно од бодчето“. Оваа сцена ги отвора двете најболни рани на македонската спортска реалност. Од една страна, ја гледаме апсолутната некултура и деградацијата на функцијата што треба да претставува пример за институционално однесување. Лицемерието е доведено до максимум кога луѓето кои треба да го штитат угледот на најголемата спортска светиња, истиот го валкаат на најосновен, примитивен начин.
Инфраструктурна и морална мизерија
Од друга страна, коментарите под објавата откриваат уште една трагична вистина. Имено, дел од фановите посочуваат дека на тој стадион воопшто и нема функционален тоалет за публиката, што ја илустрира очајната инфраструктура во 21-виот век. Ова е двојна мизерија – морална и инфраструктурна.
Навистина остануваме со сè помалку зборови. Секое дно за кое мислевме дека сме го допреле, експресно се избушува кон нова бездна. Секоја мала капка надеж за младите спортисти во Македонија секојдневно се дотепува од негрижата, егото и примитивизмот. Жален македонски фудбал, жален Вардар, жален македонски спорт.



