Викендов заврши Европскиот младински Олимписки фестивал кој за прв пат се одржа во Македонија, а Скопје и Куманово беа домаќини на скоро 4 илјади млади спортисти.
И како по обичај, јавноста најпрво не ни знаеше дека таков голем спортски настан ќе биде организиран кај нас, а откако дозна – почнаа да пристигнуваат критиките. Водата била топла, храната била малку, салите биле празни… Па, решивме да ја дадеме и нашата перспектива на целиот настан.
Како редакција, секогаш ќе пробаме да се фокусираме на она што е добро, да послужиме како инспирација и мотивација за младите спортисти, затоа што најлесно е да се критикува, најтешко е да се даде поддршка кога е потребна. И нашиот тим е мал, знаеме како е да имаш огромна љубов кон спортот, а ограничени ресурси за да понудиш квалитет каков што сакаш и колку пожртвуваност бара негувањето на таа пасија.
Дали можеше подобро? Апсолутно! Дали ова беше можеби преголем залак за нашата држава во ситуација во која се наоѓаме? Најверојатно. Но, што можеме да научиме од сето ова?
Спортот и младите – национална стратегија
Италија беше лидер во освоени медали на ЕМОФ, со вкупно 50 медали од кои 19 беа златни. По неа следуваа Франција со вкупно 38 и Шпанија со вкупно 33 освоени медали.
Она што направи Италија да се издигне со таква доминација пред големите веле-сили како Франција и Шпанија не е случаен успех. Според шефицата на италијанската делегација, Елиза Сантони, успехот е резултат на стратешка работа со младите спортисти низ годините.
И токму тоа треба да биде најголемата лекција која ќе ја извлечеме од овие младински Олимписки игри. Македонија како домаќин, не освои ниту еден медал. Не затоа што спортистите не сакаа или не се трудеа, туку затоа што со години наназад спортот во Македонија нема никаква стратегија, а со младите спортисти не се работи на едно професионално ниво.
ЕМОФ беше одлична можност за нашата држава да види и да научи како се работи со млади спортски надежи. Секоја чест на сите млади македонски спортисти кои излегоа да се борат рамо до рамо со своите колеги од далеку посилните држави. Поголемиот дел од младите во Македонија вложуваат сами, тренираат сами, без големи спонзори, без голема финансиска поддршка од државата, без врвни спортски услови. Она што го имаат и за кое треба да им се аплаудира е љубовта кон спортот, пасијата која не дозволиле дури и во вакви (не)услови да згасне.
Организацијата: наша пресуда
За да се разговара за организацијата, прво треба да се земе во предвид големината на настанот, како и она што значи да се угостат 4.000 спортисти, нивните делегации, роднините, пријателите кои дошле да ги гледаат. Па, потоа доаѓаме и до моментот домашна публика, странски гости и претставници од организациите. Ова воопшто не е мал залак за организација, а дали можеше подобро, повторно ќе кажеме апсолутно. Но, дали тие што беа задолжени за организација, со оглед на буџетите и ресурсите дадоа сè од себе? И тоа е вистина од која никој не треба да се огради.
Во недела во која во Македонија имаше температури и до 45-от степен, младите луѓе од организацијата трчаа на сите страни во обид да направат што подобар спортски фестивал. Пред неполн месец имавме можност да видиме како ФИФА организираше Светско клупско првенство во САД вредно 1 милијарда долари. Организација која располага со буџети кои ние ниту може да ги замислиме, наиде на критики поради високите температури и условите за игра на фудбалерите.
А, како се однесуваа гостите? Како што напиша на социјалните мрежи и искусниот Игор Јакимовски: “Да се потрошат 5-6 фул палети за се и сешто само не за основната намена на водата е просто неверојатно за спортисти надежи од цела Европа”.
И странските спортисти и делегации имаа свој удел во целата слика на фестивалот. Зошто во свет каде се подигнува свеста за недостигот на питка вода некој расфрла вода кога е најпотребна? Зошто некој тренира на патишта на кои ризикува повреди и покрај понудените термини со полициска придружба? Не секогаш се нашите виновни, иако некако по навика сме навикнати најпрво да ги обвинуваме домашните.
Публиката и празните трибини: каде е проблемот?
Многумина ја критикуваа организацијата поради слабата медиумска покриеност и празните сали. И тоа повторно е нешто во кое треба вината да се најде можеби во повеќе страни. И повторно доаѓаме до суштината: каде е македонската спортска култура?
Спортската култура е нешто што се гради со децении, што негува традиции и се пренесува од генерации на генерации. Ако не ги учиме децата да го сакаат спортот, ако не ги учиме да гледаат спорт, да сакаат спорт, да тренираат, како од нив очекуваме успеси или полни сали?
Со истиот проблем се соочи и организацијата на Дејвис купот во тенис во јуни. При бесплатен влез и огромна шанса за Македонија да напредува во повисок ранг на натпревари, трибините во Југ беа празни? И тогаш и сега сега, влезот на сите натпреварувања беше бесплатен, што значи дека тоа не е нешто што може да се искористи како изговор “немаме пари”. И тогаш и сега натпреварите се играа во време кога младите се на летен распуст. Па, каде се младите на трибините?
Сопственикот на Бубамара радио, Ранко Петровиќ на социјалните мрежи напиша дека неговиот татко на 90 години, на плус 40 степени отишол на стадион да ги гледа младите шампиони што скокаат со стап. Па, ова е доволен доказ дека ниту температурите не се изговор.
Проблемот според нас е тоа што децата од мали не се учат да посетуваат спортски настани. Спортската култура е нешто што се негува и гаи со генерации. Ако љубовта кон спортот им е врежана во нивната ДНК, самите млади ќе покажуваат иницијатива да посетуваат настани и во своите тинејџерски денови. Ако младите покажат интерес за спортот, медиумите ќе го следат нивниот тренд, ако медиумите го следат трендот, спонзорите привлечени од популарноста сами ќе дојдат… и тоа е спирала која оди во двете насоки и во која сите ние имаме удел.
Можеби нареден пат кога ќе седнеме да критикуваме млади кои за разлика од своите врсници волонтираат на спортски настан, следат спортски настани, тренираат со малку пари и огромна желба, треба да се запрашаме со што сме придонеле ние? Дали нашите деца се на трибини? Дали нашите деца даваат поддршка кога најмногу треба.
Македонија е мала држава, но исто така мала е и Словенија. А, каде е нивната спортска култура, каде е нашата? Изговори има многу, решение само едно – учете ги децата да сакаат спорт уште од мали нозе. Давајте поддршка на сите спортисти, давајте ветер во грб на настани кои некој се обидува да ги организира наспроти сите ограничувања. Бидете на трибини, бидете гласни, направете притисок државата да вложува повеќе во младинските спортови, па наредниот пат кога ќе добиеме можност да организираме големо натпрварување, можеби ќе бидете горди со резултатите.
Наместо во медиумите да се пренесуваат вести само паднати кровови и лошата порција храна, за политички препукувања и префрлување на вина, нека се пренесуваат приказни кои инспирираат, мотивираат и даваат надеж. Да, критика мора да постои за работите да се подобруваат. Но, мора да постои и реалната слика на целата ситуација. Ако критикувате, бидете подготвени и да пофалите. А, за пофалби во изминативе недела дена имаше многу. Браво за сите волонтери, браво за сите спортисти, браво за домаќините, браво за организаторите, браво за секој еден кој беше на трибините. Секоја чест!