6.8 C
Skopje

Ноќта пред маратон: Приказната на Хулија и силата да ја трчаш својата трка

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

Во ноќта пред Виз Ер Скопскиот маратон, кога градот е само малку потивок, а стартната линија веќе го чека утрото и илјадниците чекори што ќе ја испишат утрешната приказна, решивме да споделиме една инспиративна маратонска приказна. Приказна што доаѓа од другата страна на светот, но зборува за нешто што секој тркач го носи во себе.

Таа почнува во жештината на Токио, каде една млада жена по име Хулија Патернаин ја минуваше целната линија на маратонската трка на Светското атлетско првенство, без ниту да сфати што направила.

“Бев исплашена дека тоа не беше крајот”, раскажа подоцна, смеeјќи се на сопствената збунетост. “Судијата мораше да ми каже дека сум завршила”.

Само неколку моменти подоцна дозна дека не само што ја завршила трката, туку и испишала историја. Во својот само втор маратон, 25-годишната Патернаин освои прв медал за Уругвај на светско првенство, завршувајќи трета со време 2:27:23. Во неподносливата топлина на Токио, таа трчаше речиси до границата на своето лично најдобро време, зад само две од најдобрите тркачки имиња на планетата. За некоја што пред трката беше рангирана на 288. место – тоа беше чудо.

Но приказната на Хулија не е само за медалот. Таа е за идентитет, вера и силата што доаѓа кога ќе престанеш да бркаш совршенство и едноставно ја трчаш својата трка.

Родена во Мексико, израсната во Англија, со уругвајски родители, Хулија има три пасоши и една зелена карта. Живеела низ три континенти, менувајќи го националниот дрес не поради политика, туку поради нешто многу подлабоко – желбата да го претставува местото што ѝ е во срцето. “Мојата крв е уругвајска”, вели едноставно.

Нејзиниот пат не беше лесен. Трчаше низ англискиот школски систем, тренираше во САД, се соочи со повреди, промени, па дури и со период кога целосно престана да се натпреварува.
“Се обидував да сфатам што сакам да правам во животот”, вели. “Како што тоа го правиме сите по дипломирањето”.

Сè се смени кога отиде во Флагстаф, Аризона – место познато по својата атмосфера и заедницата на тркачи. Околу неа, планини и луѓе кои го сакаат трчањето исто како неа. Таму повторно ја откри радоста на трчањето. Не поради медали, не поради резултати, туку поради слободата.

“Почнав повторно да уживам во трчањето”, рече. “Настапив на еден полумаратон и си помислив: можеби сакам да се обидам на маратон”.

И се обиде. А во својот прв маратон го сруши националниот рекорд на Уругвај. Потоа дојде Токио, нејзиниот втор маратон и уште поголемата сензација.

Ноќта пред трката, нејзиниот тренер ѝ дал три цели: да ја заврши трката,
да се пласира меѓу првите 30 или ако сè оди совршено во првите осум. Медал? Воопшто не бил ни спомнат.

И можеби токму тоа беше тајната. Без притисок, без очекувања, Хулија трчаше километар по километар, дозволувајќи му на ритамот да ја води. “Не размислував за пласман”, рече. “Само сакав да трчам паметно”. И така, без ни да сфати, влезе во историјата…

Кога ја помина целната линија и ја виде вистината на екранот, шокот се претвори во солзи, смеа и радост – онаа вистинската, кога нешто што изгледало невозможно станува стварно. Уругвај, држава со само три милиони жители, доби светска маратонска медалистка.

Извор: https://x.com/juegosolimpicos

За Хулија, таа бронза никогаш не беше само нејзина. Таа му припаѓаше на нејзиниот тренер, на нејзините родители, на нејзиното семејство и на сите млади спортисти кои веруваат дека големите соништа не се резервирани само за големите нации.

“Без нив немаше да бидам тука”, вели таа. “Да го претставувам Уругвај е гордост. А тоа ги прави и моите родители среќни”.

Сега, додека Скопје се подготвува да се разбуди во утринските подготовки за маратонот, можеби токму оваа приказна е потсетникот што ни треба на сите нам. Не мора да си светски шампион за да трчаш со срце. Не мора ни да знаеш каде точно е целта за да стигнеш, само треба да започнеш.

Затоа, вечерва, кога ќе ги подготвиш патиките и стартниот број, сети се на зборовите на Хулија: “Само сакав да ја трчам мојата трка. Не размислував за медалот. Само трчав”.

Бидејќи токму во тоа е суштината и на трчањето, и на животот.

Трчај ја својата трка. Верувај во себе. И не заборавај да уживаш.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено