Светскиот тенисер број еден, Карлос Алкараз, на совет на неговиот медицински тим мораше да се повлече од настапот за шпанската тениска репрезентација во Дејвис Купот. После напорната сезона која ја заврши успешно на врвот на АТП листата тој мораше да одмори и да се рехабилитира, па натпреварот го следеше на телевизија.
Токму фотографијата на Алкараз со која им дава поддршка на своите колеги од националниот тим ги запали социјалните мрежи. А, причината? Неговата дневна соба!
На прв поглед би помислиле дека станува збор за фотографија на секој еден од нас кој во својата дневна соба си гледа тенис, но потоа ги забележувате трофеите од Вимблдон и УС Опен на полиците.
Особено внимание привлече мушамата на масата, со која многумина се поистоветија:
„Тој е како секој еден од нас кој оди на гости кај своите родители“.
„Карлос има дневна како на секој студент, само трофејот на Вимблдон го нарушува просекот“.
„Алкараз заработува милиони, а живее како секој просечен Шпанец – има чаршав на масата и седи дома по патики. На полиците има фотографии од фамилијата и покрај нив трофеите од Вимблдон и УС Опен“.
„Ова е како да си отишол кај баба ти на гости во село… Одлично е!“
Ова се само дел од коментарите на социјалните мрежи, а најинтересно е што ова би можело да биде и соба на секој Македонец… освен делот со патиките. Најверојатно мајка ти ќе те искара ако ги ставаш нозете со патики на мушамата.



