Европската куќа на фудбалот (УЕФА) деновиве ја објави својата најнова ранг-листа за фер-плеј, а сликата е очекувана, но и длабоко иритирачка: Македонија, заедно со речиси целиот наш регион (Србија, Албанија, Хрватска, БиХ, Грција), се наоѓа во долниот дел на табелата. На врвот, се разбира, се Англија, Словачка и Финска.
Според УЕФА, ова рангирање го мери “фер-плејот” преку критериуми како број на картони, почитување на противникот и судиите, па дури и однесување на навивачите. На хартија, звучи благородно. Во реалноста? Ова е една од најбесмислените табели и статистики што УЕФА некогаш ги смислила.

Да бидеме јасни. Спортска Станица апсолутно поддржува фер-плеј во младинските категории, каде што децата треба да учат почит и спортски дух. Но, да се применуваат вакви арбитрарни критериуми во професионалниот фудбал е целосно промашување на поентата и навреда за интелигенцијата.
Зошто? Затоа што оваа табела не го мери фер-плејот. Таа го мери и го форсира британскиот и скандинавскиот стил на фудбал. Нашиот стил на игра, како во Македонија, така и на целиот Медитеран, е дијаметрално спротивен. Ние негуваме високо ниво на тактичка подготовка. Нашиот фудбал е паметен, често вклучува голем број ситни, тактички прекршоци со кои се спречува ритамот на противникот. Тоа не е “валкана” игра, тоа е интелигентна игра.
Проблемот е што стилот на судење е драстично различен. Во нашата лига, како и во Италија, судиите многу лесно доделуваат жолти картони за “паметен” прекршок на средината на теренот со кој се спречува контра. Во меѓувреме, на Островот, неретко гледаме стартови со две нозе за кои судијата не доделува ниту картон, иако таквиот старт можел да ја заврши кариерата на некој играч.
Дали тоа значи дека тие играат почисто? Апсолутно не. Тоа значи дека играат поагресивно, а критериумот на судење е поинаков.
Оваа ранг-листа на УЕФА е само во полза на одредени земји и одреден стил на фудбал. Таа воопшто не ја отсликува реалната слика и им носи незаслужен бенефит на одредени фудбалски култури, додека ги “казнува” оние кои играат тактички позрело.
Затоа, ставот на Спортска Станица е јасен: вакво рангирање во професионалниот фудбал воопшто не треба да постои. Тоа е само уште една статистика која изгледа убаво на хартија, но во пракса е целосно ирелевантна и служи само за промоција на една фудбалска филозофија на сметка на сите други.
Ве повикуваме да ни ги испраќате вашите предлози и мислења на нашата е-маил адреса [email protected] или на социјалните мрежи.


