Пензионирањето на Аријан Адеми од националниот тим остави огромна дупка во срцето на нашиот среден ред. Дупка која, да бидеме искрени, сè уште не сме успеале да ја пополниме. Го нема повеќе борецот, лидерот, “расипувачот” на противничката игра кој беше синоним за стабилност. И додека селекторот бара решенија, можеби одговорот е во име кое веќе го знаеме, но кое поради сплет на околности го подзаборавивме.
Време е за шестата епизода на “Досие Спортска Станица”, која ја посветуваме на Давор Здравковски.
Името не ви е непознато, нели? Здравковски беше “десетката” и капитен на младата репрезентација до 21 година, играч од кого се очекуваше да биде иднината на нашиот среден ред. Тој и доби неколку повици за сениорскиот тим, но никогаш не ја доби вистинската шанса, никогаш не го почувствува теренот во официјален натпревар.
Шкотската авантура, трансферот во Мадервел беше храбар потег, тест за неговиот карактер и квалитет во една од физички најтешките лиги во Европа. И Здравковски го положи тој тест со највисока оцена. За две сезони во дождливата Шкотска, тој одигра 65 натпревари без ниту една сериозна повреда, докажувајќи дека е физички беспрекорно подготвен и дека може да се носи со со бруталните британци. Во северот на Британија, тој беше стандарден и важен дел од тимот. А токму против британскиот Велс, нè чека витешка борба.
Ова лето, по успешната епизода на Островот, Здравковски донесе одлука да го замени дождот за сонцето и се врати таму каде што е легенда, во кипарскиот АЕЛ Лимасол, клуб за кој претходно одигра над 170 натпревари. И како со магија, како никогаш да не заминал, повторно почна да го покажува своето вистинско лице.
Давор е стандарден, игра константно и што е најважно, игра добро. Во досегашниот тек од сезоната, тој веќе има 8 настапи во кипарската лига, од кои на 5 бил стартер. Тој е “моторот” на својот тим, играчот кој ја врши “валканата” работа во средниот ред.
И тука доаѓаме до клучната поента. Секој познавач на фудбалот знае дека улогата на Аријан Адеми во репрезентацијата беше токму таа, дефанзивен играч за врска кој со својата борбеност и интелигенција ја “крши” играта на противникот. Давор Здравковски, по своите карактеристики, е токму таков тип на играч.
Во ситуација кога ни е потребен борец, кога ни треба играч кој не се плаши од дуел и кој може да донесе стабилност пред нашата одбрана, едноставно мора да се погледне кон Кипар. Здравковски не е повеќе само талент. На 27 години, тој е зрел и веќе искусен играч кој со години игра на високо ниво.
Нашата серија ги опфати Љупчо Дориев, Милан Илоски, Себастијан Херера, Михаил Маневски и Александар Трајковски. Сега, на таа листа го додаваме и заборавениот капитен.
Можеби токму Давор Здравковски е одговорот за балансот во средниот ред што го баравме по заминувањето на големиот Адеми. Време е да добие повеќе од само повик. Време е да добие шанса.
Ве повикуваме да ни ги испраќате вашите предлози и мислења на нашата е-маил адреса contact@sportstation.mk или на социјалните мрежи.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



