Македонскиот билијард доби нов владетел. По завршувањето на последниот, седми мастерс турнир од државното првенство, титулата во сениорска конкуренција за 2025 година официјално му припадна на Андреј Ѓурчиновски.
Со своите 15 години, Ѓурчиновски испиша историја станувајќи најмладиот шампион на Македонија досега.
Доминација потврдена со победа во Сарај
На завршниот турнир во Дивизија А, одржан во Сарај, младиот Ѓурчиновски уште еднаш ја покажа својата класа освојувајќи го првото место. Со тоа, тој стигна до вкупно четири победи на седумте турнири од овогодинешниот шампионат.
Неговиот главен конкурент и досегашен двократен првак, Христо Василевски, заврши како трет на овој турнир, што не беше доволно за одбрана на тронот. Второто место на турнирот му припадна на Блендијан Ќазими, кој со овој успех го обезбеди и третото место во генералниот пласман, веднаш зад Василевски, а пред Златко Ицановски.
Оваа титула е круна на фантастичната сезона за Ѓурчиновски, кој претходно го освои Купот на Македонија и се закити со сребрен медал на Европското првенство за млади во Словенија.
Дивизија Б: Лукревски победник на турнирот, Зекири најдобар во сезоната
Во Дивизијата Б, победник на последниот турнир беше Димитар Лукревски (БСК Гран Клуб), кој во финалето го совлада Берат Јашари. Сепак, најдобар во генералниот пласман во оваа конкуренција е Мирсад Зекири. Тој, заедно со Диели Весели, Дејан Сипковски и Димитар Лукревски, обезбедија пласман во елитното друштво (Дивизија А) за наредната сезона.
До крајот на годината, Билијард федерацијата на Македонија најавува одржување на јуниорски турнир, турнир за ветерани, како и екипно државно првенство.
Следете нè: Facebook | Instagram | X



