Денеска паѓаат сите маски на Европското првенство. По досегашните возбудувања, останаа само неколку слободни места за финалниот викенд во Хернинг. Додека Данска веќе седи удобно на врвот во Група 1, во Малме и Копенхаген нè очекува вистинска војна на теренот.
ГРУПА 1: Германија или Франција, кој ќе преживее?
Германија – Франција (18:00 ч.)
Ова е натпреварот на денот! „Панцерите“ се во подобра позиција, бидејќи ним им одговара и нерешено за пласман во полуфиналето. Франција, пак, по шокантниот пораз од Шпанија, нема избор и мора да победи за да ја продолжи одбраната на титулата.
- Статистика: Франција го има најдобриот напад на турнирот (38.8 голови по меч), но Германија е „тврд орев“ со својата одбрана.
- Клучен дуел: Ренарс Ушчинс (32 гола) против Дилан Нахи (25 голови).
Шпанија – Португалија (15:30 ч.)
„Фуријата“ конечно се разбуди и ја победи Франција, па сега брка победа за пласман во мечот за 5. место. Португалците се предводени од феноменалниот Франциско Кошта (47 гола), кој се бори за титулата најдобар стрелец на првенството.
Данска – Норвешка (20:30 ч.)
Данците се веќе во полуфинале и веројатно ќе одморат дел од ѕвездите. За Норвешка, пак, овој меч е последна шанса да стигнат до бод кој би ги однел во борба за висок пласман.
ГРУПА 2: Хрватска го држи кормилото во свои раце
Хрватска – Унгарија (18:00 ч.)
По „подарокот“ од Швајцарија, Хрватите се на врвот на табелата. Математиката е едноставна: Победа значи сигурно полуфинале. Унгарија е веќе елиминирана и игра за чест, но Хрватска мора да биде претпазлива, особено ако Звонимир Срна го пропушти мечот поради можна повреда.
Словенија – Исланд (15:30 ч.)
Директен дуел за полуфинале! Исланд оди понатаму со победа (или реми ако Шведска киксне). Словенија, пак, мора да победи и да се надева на пораз на Шведска. Очекувајте висок темпо на ракомет со Домен Макуц и Омар Инги Магнусон во главните улоги.
Швајцарија – Шведска (20:30 ч.)
Домаќинот Шведска е во комплицирана ситуација. Им треба победа против аутсајдерот Швајцарија, но и поволни резултати од претходните два меча. Швајцарците веќе покажаа дека се „нагазна мина“ откако им скинаа бодови на Исланд и Унгарија, на вториве можеби и не толку чесно.



