На околу триесетина километри оддалеченост од Болоња, главниот град на најразвиениот италијански предел Емилија Ромања, се наоѓа парче историја која е неразделен дел од спортот наречен Формула 1. Има неколку патеки кои се интегрален дел од овој спорт – Монца, Спа, Силверстон, па дури и Монако, а Имола е една во низата. Сместена во живописен предел, каде се чувствува италијанскиот дух и пасија за тркањето, оваа патека на автодромот Енцо и Дино Ферари има проткаено историја во себе како никоја друга.
Тука, на 1 мај 1994 година, светот запре. Тука, во свијокот Тамбурело, животот го загуби легендарниот бразилски возач Аиртон Сена, а само ден пред него, Имола го одзеде животот и на австрискиот дебитант Роланд Раценбергер. Тоа беше најмрачниот викенд во модерната историја на спортот, викенд кој засекогаш ја промени Формула 1.
Човекот зад кацигата: Челик и нежност
Аиртон Сена беше многу повеќе од обичен возач. Тој поседуваше харизма која можеше да ја замолчи целата просторија и интелигенција на филозоф кој често зборуваше за сопствената смртност и за тоа како опасноста му помага подлабоко да се запознае себеси. Беше комплексен карактер – од една страна суров, агресивен и со незгаслива желба за победа, а од друга страна нежен, љубезен и длабоко спиритуален човек.
Новинарите кои работеа со него се сеќаваат на двете лица на Сена. Можеше да биде арогантен и да го удри дебитантот Еди Ирвајн затоа што се осмелил да го претекне додека Сена го обиколувал за цел круг. Но, исто така, можеше со минути мирно да стои додека еден млад новинар, во метежот од медиуми, случајно ја одморал својата уморна рака врз неговото рамо, не сакајќи да го прекине и да му го наруши личниот простор.

Трките кои го дефинираа генијот
Неговиот талент беше застрашувачки, особено кога небото над патеката ќе се отвореше. Сена беше „кралот на дождот“.
Монако 1984: Како нов возач во малиот тим на Толеман, тој буквално „леташе“ низ поројниот дожд во Монте Карло, стигнувајќи го Алан Прост пред трката предвреме да биде прекината.
Донингтон Парк 1993: Во она што денес се нарекува „Круг на боговите“, Сена започна како петти, но до крајот на првиот круг ги претекна сите четири болиди пред него, исчезнувајќи во далечината низ дождот.
Бразил 1991: Неговата прва победа на домашен терен дојде со болид заглавен во шеста брзина во последните кругови. Кога ја помина целта, Сена беше толку исцрпен што не можеше сам да излезе од болидот, а на подиумот едвај го крена трофејот пред своите навивачи кои го славеа како божество.
Ривалството со Прост и борбата за принципи
Неговата кариера беше обележана со епското ривалство со Алан Прост – двајца возачи со контрастни стилови и личности. Тие се судираа на патеката, водеа политички војни надвор од неа, но меѓусебно се принудуваа да ги поместуваат границите на можното. Сена беше возач кој не прифаќаше компромиси. Неговата позната изјава: „Ако веќе не одиш на празен простор што постои, тогаш веќе не си тркач“, стана симбол на неговата филозофија.
Тој не се плашеше да ѝ се спротивстави на федерацијата и на „анти-тркачките“ практики, секогаш ставајќи го наследството и чистиот спорт пред парите и политиката.

Последниот круг во Имола
На 1 мај 1994 година, Сена започна од пол-позицијата, негова трета по ред таа сезона. Беше под огромен притисок, во болид на Вилијамс кој беше тежок за управување, обидувајќи се да му побегне на побрзиот Михаел Шумахер. По несреќата на Раценбергер претходниот ден, Сена беше длабоко потресен; тој дури го посети местото на несреќата, а во својот болид на денот на трката скрил австриско знаме кое сакал да го развее по победата во чест на својот колега.
Судбината сакаше тоа знаме никогаш да не биде развеано. Во седмиот круг, неговиот болид излета од патеката во свиокот Тамбурело со брзина од над 300 км/ч. Светот гледаше во неверување додека жолтата кацига остана неподвижна во оштетениот Вилијамс.
Наследство што не згаснува
Сена остана да биде симбол на спортот низ годините. Неговата пасија за возењето е ненадмината, а наследството што го остави непроценливо. Преку фондацијата „Аиртон Сена“, неговото семејство продолжи да помага на милиони деца во Бразил, овозможувајќи им образование и подобра иднина, желба која Сена ја имаше уште додека беше жив.

И денес, по 32 години, фановите кои ја посетуваат Имола, одат до споменикот во Тамбурело за да му оддадат почит на трикратниот шампион. Неговиот немирен дух и денес нè потсетува: дали по цена да се изгуби духот на одреден спорт, треба да се форсираат потези кои ја ставаат паричната добивка пред наследството?




