Џејмс Харден испиша нова страница во историјата на НБА! Ѕвездата на Лос Анџелес Клиперс се искачи на 10. место на вечната листа на стрелци во лигата, откако го престигна легендарниот Кармело Ентони за време на натпреварот против Минесота Тимбервулвс.
Харден влезе во натпреварот заостанувајќи само 20 поени зад Ентони (28.289 поени), а историскиот момент се случи во третата четвртина, кога погоди две слободни фрлања и го надмина достигнувањето на членот на Куќата на славните.
„Благослов. Тоа е доказ за работата што сум ја вложил“, изјави Харден по мечот. „Чест е, особено покрај некој како Мело, кој направи толку многу големи работи за оваа лига“.
Иако Харден имаше одлична индивидуална вечер со 34 постигнати поени (шут 10 од 18), неговите Клиперс претрпеа тежок пораз од Минесота со 109-106, откако прокоцкаа предност од 18 поени од првото полувреме. Харден ја имаше шансата да израмни, но неговата тројка во последната секунда не влезе.
Инаку, Харден оваа сезона игра одлично, со просек од 26,5 поени, што му е највисок просек откако постигнуваше 34,3 поени по натпревар за Хјустон Рокетс во сезоната 2019-20.
Следен предизвик за „Брадата“ на вечната листа е уште едно легендарно име – Шакил О’Нил, кој во кариерата постигна 28.596 поени.



